„На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, се наведува дел од одговорот на Јавното обвинителство на РСМ
Во однос на одлуката за запирање на постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, од државното Обвинителство велат дека предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК одлучува самостојно, согласно Законот за јавно обвинителство
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево потврди дека државниот јавен обвинител Ненад Савески вчера имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, што било за првпат по стапувањето на Савески на функцијата.

Во врска со повикот, од Обвинителството велат дека државниот јавен обвинител не може да спречи никого да му се јави телефонски, додека во однос на разгворот, оттаму наведуваат, во него воопшти не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Сепак, како што може да се сфати од контекстот на соопштението, премиерот се интересирал за овој предмет, но во разговорот од страна на Савески му било кажано она што вчера беше објавено од Обвнителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во медиумите, дека предметот не е реферирана во републичкото Обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дознал по нејзиното објавување.
„Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес.
На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“,
се наведува во одговорот на Јавното обвинителство на РСМ.
Во однос на одлуката за запирање на постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, од државното Обвинителство велат дека предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК одлучува самостојно, согласно Законот за јавно обвинителство.
„Предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК одлучува самостојно. Имено согласно член 3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“,
велат од Обвинителството.
Оттаму на крајот наведуваат дека уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите.
Соопштението на Јавното обвинителство е одговор на прашањата што ги отвори денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кој одговарајќи на новинарски прашања рече дека со шок и неверување вчера ја примил веста за одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, во кој, меѓу другите, беше опфатен и поранешниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Кочачевски и дека за тоа телефонски разговарал до државниот јавен обвинител Ненад Савески.

„Тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази и претпоставувам дека по вложената жалба од страна на ЕСМ случајот ќе биде преразгледан и вратен на повторно анализирање. ОЈО ГОКК на чело со Ислам Абази сме го коментирале и немашто дополнително да кажам, јавноста знае за каков обвинител станува збор“,
рече Мицкоски.
По наводите на премиерот дека разговарал со Савески за конкретен предмет, од Советот на јавните обвинители во изјава за „360 степени“ рекоа дека ќе побараат објаснување од државниот јавен обвинител.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, ни изјави дека за овој разговор дознале преку објавите во медиумите, додавајчи, дека ситуацијата внимателно се следи и дека ќе разговара со државниот обвинител пред да се одлучи за евентуална седница или други чекори.
„Ќе треба да се слушнеме со државниот обвинител Савески за да ги заокружиме работите. Како Совет немаме ингерении да се мешаме во предмети, но ги следиме изјавите“,
вели Бесими.
Во врска со разговор Мицкоски – Савески реагираа од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, од каде обвинија премиерот дека повторно му диктира задачи на државниот јавен обвинител.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера соопшти дека ја запрело постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи во истрагата, што траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа. Се работи за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
