Од СДСМ велат дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара, но не може, додаваат од опозициската партија, премиерот да му наредува и да му врши притисок на јавниот обвинител. Од партијата оценија дека ако сака да сочува малку од своето достоинство, најмалку што може Савески да направи е да си поднесе оставка
Мицкоски повторно му диктира задачи за јавниот обвинител – коментираат од опозицискиот СДСМ откако претходно денеска премиерот рече дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески по одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

„Имаме скандалозно признание на Мицкоски дека разговарал со јавниот обвинител Ненад Савевски, од позиција на премиер и му дал насоки како да постапува Обвинителството. Мицкоски вели, цитирам: ‘ако тоа не се случи, тогаш обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет’. Што е ова? Чиста наредба. Како што правеше од собраниска говорница, како што прави од телевизија, сега повторно, нова наредба на Мицкоски за јавниот обвинител кој самиот го избра и го постави“,
изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција.
Од СДСМ велат дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара, но не може, додаваат од опозициската партија, премиерот да му наредува и да му врши притисок на јавниот обвинител. Од партијата оценија дека ако сака да сочува малку од своето достоинство, најмалку што може Савески да направи е да си поднесе оставка.
„Савески откако е дојден на функцијата работи по нарачка на Христијан Мицкоски. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува. Мицкоски елиминираше некои независни кандидати кои ги нарече ‘медиокритети’! Што е ова? Секој што нема да го исполни тоа што го бара, станува медиокритет и талог на општеството“,
коментираат СДСМ, обвинувајќи дека судството и обвинителството се под целосна контрола на Мицкоски.
Откако премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека разговарал со државниот јавен обвинител за конкретен предмет, односно за одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, во изјава за „360 степени“ рече дека Советот ќе побара објаснување од државниот јавен обвинител Ненад Савески.
