Случајот денеска го прокоментира и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека ваквите приватни образовни центри не се под надлежност на МОН, но дека се предвидува закон за нивно интегрирање во образовниот систем
Основното јавно обвинителство Штип поведе истрага против 65-годишниот управител на образовен центар во Штип, кој е осомничен дека подолг временски период допирал по телото неколку малолетни ученички за време на одржување на дополнителна настава.

„Последователно, од септември 2023 година до 11 мај 2026 година, осомничениот користел можност во која на девојчињата на возраст од 13, 11 и 10 години им држел дополнителни часови во образовен центар и им се приближувал и ги допирал по телото“,
соопшти ОЈО Штип.
Од МВР вчера информираа дека судија на претходна постапка му одредил 30-дневен притвор на осомничениот.
Случајот денеска го прокоментира и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа рече дека ваквите приватни образовни центри не се под надлежност на МОН, но дека се предвидува закон за нивно интегрирање во образовниот систем за, како што рече, нивната работа да може да се мониторира.
„Овие установи мораат да се стават во систем и не се само тие туку и други дури и некои високообразовни установи кои никако не се во системот. Има училишта кои сакаат и побараа од нас да се вклопат во системот и јас им благодарам за тоа. Ќе го направиме тоа во некое догледно време“,
изјави Јаневска одговарајќи новинарски прашања на денешната прес-конференција.
