Министерката за образование ги повика родителите да обрнат повеќе внимание на своите деца бидејќи, како што вели, со исклучок на ретки примери, децата не ја развиваат агресивноста во училиштето, туку агресивни доаѓаат во училиштето, а ладното оружје, како примерот во Ченто, не го наоѓаат во училиштето, туку го носат од надвор
По случајот во основно училиште во скопската населба Ченто, каде што малолетник со остар предмет е повреден од страна на негов врсник, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека се потребни законски измени со кои ќе се предвиди воведување казни за родителите чии деца извршиле насилство во училиште.

„Ќе ги замолам пратениците да побараат измена и дополнување на Законот за основно образование, да вметнеме казна за родителот чие дете е сторител на насилство во училиштето. Во моментов разговараме со нив за да се формулира таа измена и дополнување на законот. Сè додека има потреба и додека реалноста наложува, ќе правиме измени на законите за да воспоставиме не само мирна ученичка средина, туку и развој на ученичка средина која, за жал, не покажува резултати и покрај промените што во изминатите две и пол години ги правиме“,
изјави на денешната прес-конференција министерката за образование и наука.
Јаневска ги повика родителите да обрнат повеќе внимание на своите деца бидејќи, како што вели, со исклучок на ретки примери, децата не ја развиваат агресивноста во училиштето, туку агресивни доаѓаат во училиштето, а ладното оружје, како примерот во Ченто, не го наоѓаат во училиштето туку го носат од надвор.
„Оттука, неопходна е соработка со сите сектори кои се засегнати, но јас ги повикувам и ги молам родителите да обрнат внимание на своите деца. Целата држава може да прави што било, но ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех“,
рече министерката.
Како неопходно, Јаневска повторно го потенцира враќањето на дежурните наставници во училиштата, а рече и дека ќе побара и ќе инсистира училишните психолози да се лиценцираат, да направат стручни тимови и да работат со децата, родителите и наставниците во врска со проблемот.
