Случајот во полиција го пријавиле родители во присуство на ученичките и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Штип
Шеесет и петгодишен управител на образовен центар во Штип вчеравечер е приведен поради сомнение дека подолг период допирал по телото неколку малолетни ученички за време на одржување на дополнителна настава.

„Настанот во полициска станица го пријавиле родители во присуство на ученичките и на претставници на Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи Штип“,
информираа од МВР.
Во домот на 65-годишниот А.Ш. и во образовниот центар, по претходна судска наредба, извршени се претреси и одземени се предмети за понатамошна постапка.
Од МВР информираат дека судија на претходна постапка му одредил 30-дневен притвор на осомничениот, а дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава.
