МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека во текот на изминатото деноноќие, на целата територија на државата, полициски службеници лишиле од слобода десет возачи за безобѕирно управување возило.
Од десетте возачи, шест возеле без дозвола, а тројца од нив се малолетници. Двајца се со активна забрана и двајца возеле под дејство на алкохол.
„Двајца возачи во Скопје (еден малолетник) и по еден во Тетово (малолетник), Гостивар, Велес (малолетник) и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Возачот во Делчево учествувал и во сообраќајна незгода со возилото што го управувал, по што било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,89 промили алкохол во крвта. По еден возач во Скопје и во Кичево управувале возило со активна забрана, а по еден возач во Скопје и во Велес управувале возило под дејство на алкохол. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“,
соопшти МВР.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол. Така секој учесник во сообраќајот ќе придонесе за побезбеден сообраќај.
