Според Демократската унија за интеграција, тоа што новоформираната партија има двајца копретседатели – Изет Меџити и Билал Касами – покажува дека во неа има фракции уште пред да почне да функционира
Ова не е обединување, туку последен очаен крик за политички опстанок – вака од опозициската ДУИ го коментираат вчерашниот конгрес со кој партиите од владејачката коалиција ВЛЕН се обединија и прераснаа во единствен политички субјект. Според ДУИ, тоа што новоформираната партија има двајца копретседатели – Изет Меџити и Билал Касами – покажува дека во неа има фракции уште пред да почне да функционира.

„ВЛЕН избра двајца кормилари да го водат истиот брод што веќе забрзано тоне. Ова фрагментирано раководство е директно признание дека во тој политички состав владее целосна недоверба и фрагментирање. Наместо визија, тие понудија пазар на ега бидејќи никој не сакаше да му го отстапи местото на другиот, па решија да глумат партија со двајца претседатели. ВЛЕН се обедини само за заедно да се распадне. Додека лидерите самите се прогласуваат, министри и клучни функционери од нивните редови веќе го напуштија бродот одбивајќи да бидат дел од овој неуспешен проект, наменет само за спас на неколку политички кариери“,
коментираат од ДУИ,о каде што додаваат дека ВЛЕН се соочува со вистински кадровски дебакл.
Интегративците обвинуваат дека и по две години на власт, ветувањето на ВЛЕН од изборите во 2024 година за спроведување на уставните измени во рок од неколку месеци – не е спроведено. Не се спроведени, како што велат, ни многубројни други ветувања со кои ВЛЕН ги измамила Албанците.
„Не видовме никаква децентрализација на општините, напротив, централизацијата е продлабочена. Не видовме ниту, пак, подобрување на локалната инфраструктура во средините со албанско мнозинство. Ветената академија на науките и уметностите заврши полошо и од некое локално и невидливо здружение. Наместо поддршка за албанските бизниси, ги измамија гласачите и дозволија влез на српски капитал преку Алта банка. Лажни се покажаа ветувањата за затворање на обложувачниците и казината. Законот беше повлечен од Собранието, додека Изет Меџити продолжи да профитира од монополот ‘Мегавин’, за кој самиот тврдеше дека ќе биде затворен“,
велат од ДУИ.
Петте политички партии на досегашната коалиција ВЛЕН, која е дел од владината коалиција, вчеравечер на конгрес во Скопје, во присуство на 850 делегати, се обединија во еден политички субјект.
