Рускиот претседател рече дека не одбива средба со претседателот на Украина, но дека со него ќе се сретне само откако ќе биде постигнат траен мироввен договор
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека верува оти војната со Украина се ближи кон својот крај.

Тој ова го изјави на прес-конференцијата по воената парада во Москва по повод Денот на победата, откако обраќањето на церемонијата го искористи да ја оправда својата војна против Украина, нарекувајќи ја земјата агресивна сила која е поддржана од целата НАТО-Алијанса.
„Мислам дека ова прашање се ближи кон крајот“,
рече тој, алудирајќи на, како што ја нарекува „специјалната воена операција“ во Украина.
Путин рече дека словачкиот премиер Роберт Фицо, кој вчера беше меѓу гостите на воената парада во Москва, му пренел оти украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен за средба.
„Ми рече дека Зеленски е подготвен за лична средба, но ова не е првпат да го слушнеме тоа“,
рече рускиот претседател.
Во оваа смисла тој рече дека не одбива средба со украинскиот претседател, но дека со него ќе се сретне само откако ќе биде постигнат траен мироввен договор. Таква средба, како што додаде, е можна и во трета земја. На прашањето дали е подготвен за разговори со лидерите на ЕУ, Путин рече дека негов претпочитан партнер во преговорите би бил поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој е негов долгогодишен пријател.
Изјавите на рускиот претседател уследија само неколку часа по воената парада на Црвениот плоштад во Москва по повод Денот на победата. Првпат по речиси две децении, парадата се одржа без учество на тенкови, ракети и тешко вооружување и беше сведена исклучиво на воени единици и традиционално прелетување на борбени авиони. Причината, како што наведе Кремљ, е тековната оперативна ситуација и зголемените безбедносни мерки.
