Во честитката, Филипче упатува и критики до актуелната власт во земјава. Според него, европскиот пат на земјата е под свесна блокада од страна на премиерот Христијан Мицкоски

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати честитка до новоизбраниот премиер на Република Бугарија, Румен Радев, изразувајќи надеж дека новата влада во Софија ќе примени конструктивен пристап во односите со Северна Македонија.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упатувајќи ја честитката, вели дека добрососедските односи треба да бидат во интерес на граѓаните и на двете држави, без какво било загрозување на македонскиот национален идентитет, јазик и култура.
„Македонија е цврсто определена за европска иднина. Единствениот пат е патот на ЕУ-интеграциите“,
пишува Филипче во честитката објавена на неговиот профил на Икс.
СДСМ му честита на Румен Радев за изборот за премиер на Република Бугарија.
— Venko Filipce (@VFilipche) May 8, 2026
Се надеваме дека новата бугарска влада ќе покаже конструктивен и разумен пристап кон Северна Македонија, со цел градење добрососедски односи кои ќе бидат во интерес на граѓаните и на двете држави, без… pic.twitter.com/mWrjdsXsAQ
Во честитката Филипче упатува и критики до актуелната власт во земјава. Според него, европскиот пат на земјата е под свесна блокада од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
„За жал, во Македонија постои криминална група, предводена од Христијан Мицкоски, која свесно го блокира европскиот пат на земјата и создава вештачки конфликти со соседите за заштита на својот корумпиран систем“,
додава Филипче.
Тој верува дека преку дијалог без прекршување на црвените линии, со почитување на нашиот национален идентитет и на европските принципи, може да се надминат сите отворени прашања, а со тоа да се забрза европскиот пат.
„Добрососедските односи се најголем приоритет за заеднички соживот во големото европско семејство. Да работиме заедно на подобра иднина и повисок животен стандард на нашите граѓани, со сите членки на Европската Унија“,
пишува Филипче.
Честитката од Филипче доаѓа откако денеска Народното собрание со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 „воздржани“ ја избра новата влада на чело со Румен Радев.
Новоизбраната влада е составена од премиер, четири вицепремиери и 18 министри.
