Од ОЈО за ГОКК велат дека уште во 2024 година имаат испратено наредби до МВР во врска со предметот кој го водат за тендерот, но од полицијата немаат одговор. Од полицијата велат дека работат на случајот и кога ќе завршат ќе ги пратат информациите
Во меѓувреме, фирмата која има најголем удел во надзорот го сменила своето име од „Електра солушнс“ во „Аксион“, а во сопственичката структура, без надомест, влегло лицето Бојан Савески. Тој е присутен во компаниите на семејството Ампови од 2021 година, но претходно, меѓу другото, бил советник во Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2013 година и своевремено претседател на месен комитет во истата општина. Савески за „360 степени“ вели дека одлуката за негов влез во сопственичката структура е донесена исклучиво врз основа на доверба, професионален капацитет, оперативно управување и придонес во развојот на компанијата
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, а и во првите месеци откако дојде на власт, врвот на партијата го напаѓаше тендерот за надзор и поединечно ја издвојуваа „Електра солушнс“ во своите настапи. Лидерот Христијан Мицкоски во 2023 година изјавуваше дека лично ќе се занимава со набавката
Изминаа три години од нашата серија истражувачки стории во кои, слој по слој, откривавме – како фирма што до тогаш беше специјализирана за шиење долна облека стана главна алка во надзорот над изградбата на автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“.
На пример, услугата за секој геометар ќе се наплаќа по околу 5 600 евра месечно. Секој надзорен инженер ќе чини по 8-9 000 евра месечно, додека месечниот трошок за главен надзорен инженер е 20 000 евра.
објавивме, меѓу другото, во март 2023 година.
Кога со свои, кога користејќи ги сознанијата што први ги објавувавме, јавниот притисок го засилуваше тогашната најголема опозициска партија.
„Овој криминал сега може да се стави под тепих и тие луѓе коишто се учесници и оваа фирма за долна облека, којашто се пријавува како надзор на овој капитален проект, треба да им е јасно дека за месеци од денеска лично јас ќе се занимавам со овој проект, односно со оваа јавна набавка“,
изјави Христијан Мицкоски, тогаш претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на 18 март 2023.
Што поради сториите на „360 степени“, што поради притисокот од другиот дел на јавноста, Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата отвори предмет на 28 март 2023 година.
Што се случи во меѓувреме? Обвинителството сега обвинува дека МВР не постапува по нивните наредби. А, во сопственичката структура на поранешната фирма за долна облека влезе лице кое, меѓу другото, било локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ во минатото.
Кој поминал по патот Тетово-Гостивар не може а да не ја забележи изградбата на новиот автопатот кој ќе ги поврзе овие два града. Тој е дел од договореното меѓу Владата и „Бехтел и Енка“ во 2023 година.

Каде што има изградба, таму има и надзор. И тој договор беше склучен во 2023 година. За 22,3 милиони евра, работите треба да ги следи конзорциум предводен од италијанската „ИРД инженеринг“. Иако кога загребавме под површината, откривме дека според количината на услуги кои треба да ги дадат:

Кај домашната „Електра солушнс“ треба да одат 8,3 милиони евра, додека кај вториот домашен партнер „Евро-консталтинг“ уште 7,1 милиони. Фирмата ИРД од Италија е буџетирана со 4,1 милиони евра, нивната локална канцеларија со 2,4 милиони и шпанската „Ептиса“ со 400 000 евра.
Или, испадна дека она што тогашната власт го најавуваше како надзор од фирма од ЕУ, е само чадор под кој стојат домашни фирми. Тоа го покажа и друг податок – од 81 ангажиран експерт, 76 беа од земјава.

Да се потсетиме уште еднаш на почетокот на сторијава. Геометар 5 600 евра месечно, надзорен инженер меѓу 8 и 9 000 евра месечно, главен надзорен инженер 20 000 евра месечно. Никој при здрав разум во земјава не би поверувал дека овие цени се блиску до платата на споменатите поединечни експерти. Тоа е цената која вклучува плата на експертот, трошоци на фирмата која го ангажира и некоја маргина на профит. Токму тука лежи зајакот – колкав е ќарот.
Тој податок може да се провери. Дел е од годишната сметка што секоја фирма треба да ја поднесе во Централниот регистар.
Првото што го откривме е дека во март годинава популарната „Електра солушнс“ го сменила името и сега се вика „Аксион“. Тоа, секако, не ги менува финансиските податоците.

А, тие покажуваат дека во 2022-та, годината пред да го склучи договорот за надзорот, компанијата имала 470 000 евра приходи. Следната, 2023, кога го склучуваат тендерот, приходите им растат четирикратно, на 1 890 000 евра. Во 2024 година растат на 3 250 000 евра, за лани да се искачат на 3 920 000 евра. Профитот, во годината пред да го потпишат договорот, им бил 9 000 евра, што е 1,9% од вкупните приходи. Годината кога го добиваат тендерот, добивката расте на 505 000 евра, односно 26,7%. Во 2024 година, профитот е 1 200 000 евра, што е 36,9% од приходите, за лани да биде 1 320 000 евра, односно 33,7% од приходите.
Или, на поранешната „Електра солушнс“, а сегашна „Аксион“, и успеало она за што сонува секој бизнис. За три години, од кога и се посреќи да го добие тендерот, да пријави добивка од 3 025 000 на остварени приходи од 9 060 000 евра. Им тргнало од рака – на секои 1 000 денари приход, 333 да им се ќар.
И токму затоа уште повеќе не изненади сознанието дека во врвот на својот успех, единствениот газда на „Електра солушнс“, а сегашен „Аксион“, се откажал од дел од својата фирма. Велиме се откажал, затоа што без надомест отстапил 10% од компанијата.

Новиот партнер е лицето Бојан Савески. Се стекнал со удел од 10% од фирмата на 3 февруари 2026 година, што значи пред околу три месеци. Иако Савески добил една десетинка од компанијата, теоретски може да го добие целиот профит. Така пишува во Договорот за основање на Аксион.
„При секоја поединечна исплата на дивиденда, односот на распределба меѓу содружниците се утврдува со посебна Одлука на Собирот на содружници, донесена пред исплатата. Одлуката за секоја поединечна исплата на дивиденда, може да предвиди различни проценти на распределба за секој содружник, вклучително и можност целокупната или дел од добивката да биде распределена само на еден содружник.“
пропишува член 11 од пречистениот текст на Договорот за основање на „Аксион“ ДОО.
Бојан Савески е присутен во „Електра солушнс“ од поодамна. Станал управител на фирмата наместо газдата Андон Ампов, на 12 април 2024 годината. А и претходно и сега е управител на друга фирма на семејството Ампови која има искуство во надзор – Институт за патишта Велес.
Според јавно достапниот профил на Савески на социјалната мрежа Линкдин, пред да дојде во Институт за патишта, имал долга кариера во секторот за јавни набавки во Град Скопје.
Се вработил во октомври 2012 година, на позиција – советник за подготовка на документи за јавни набавки. Тоа е период кога градоначалник на Скопје е Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, човекот кој сега е директор на Јавното претпријатие државни патишта – институцијата потписник на договорот за надзор. Исто така, во време на Трајановски, во 2015 година, Бојан Савески станува раководител на одделението за спроведување на јавни набавки. Во 2017 година, градоначалник станува Петре Шилегов, но новиот градоначалник не го менува Бојан Савески од позицијата. Напротив, кон крајот на неговиот мандат, го унапредува во раководител на секторот за јавни набавки. Савески си заминува од Град Скопје следниот месец откако Данела Арсовска станува градоначалничка на Скопје.

Интернет пребарување на името и презимето Бојан Савески не одведе и до други информации. Лице со исто име и презиме, било советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општината Аеродром, од 2009 до 2013 година. Понатаму, лице со истото име и презиме било претседател на Месен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, со локација на улица „Тодор Чангов“. На улицата „Тодор Чангов“, барем според адресите депонирани во Централниот регистар, живеел Бојан Савески кога станал управител на „Електра Солушнс“, а сега „Аксион“. И во двата случаи се совпаѓа и општината – Аеродром.

По сите овие коинциденции, се обративме до „Електра солушнс“, односно по ново „Аксион“. На писмените одговори што ги добивме е потпишан Бојан Савески, како управител.
На прашањето, од кои причини е отстапен дел од капиталот, а со тоа и дел од потенцијалните дивиденди, тој вели:
„Промената во сопственичката структура е дел од внатрешно деловно и организациско преструктуирање, со цел долгорочна стабилност, професионализација на управувањето и усогласување на одговорностите со реалниот придонес во работењето. Одлуката е донесена исклучиво врз основа на деловни, професионални и организациски причини.“
На следното прашање, дали околноста што Савески работел во Град Скопје, меѓу другото, со Коце Трајановски, влијаело на одлуката на компанијата, одговорот е:
„Моето професионално искуство беше земено предвид единствено од аспект на стручните, организациските и менаџерските капацитети. Ниту една моја претходна професионална околност, вклучително и работното искуство во институции, не беше причина за отстапување удел во компанијата. Во моментов не сум носител на ниту една партиска или друга јавна функција“,
пишува Савески во одговорот до „360 степени“.
И, на прашањето, дали и каква е врската меѓу партиските функции на Савески во минатото и неговиот влез во „Аксион“ прво како управител, а потоа и како косопственик…
„Сакам јасно да нагласам дека не постои никаква врска меѓу мои претходни политички или јавни ангажмани и одлуката за моето именување како управител, ниту пак со промената во сопственичката структура. Одлуките се донесени исклучиво врз основа на доверба, професионален капацитет, оперативно управување и придонес во развојот на компанијата.“
Вака, за „Електра солушнс“, а сега „Аксион“, на крајот на 2024 година говореше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во емисијата „Бизнис муабети“.
„Ние имаме проблем сега што надзорот, или судијата, е неспособен. Не е толку проблем дека фаќа страна за „Бехтел“, туку се неспособни воопшто да се постават како судија во целиот овој процес.
– Надзорот?
Да. И сега улогата на надзор јас и Коце Трајановски ја преземаме. Па ние водиме жестоки разговори со Бехтел и Енка. Па ние се убедуваме што треба и што не треба,“
Тоа е само една од причините поради кои прашавме во Јавното претпријатие за државни патишта со кое раководи Коце Трајановски – каков им е ставот за надзорот?
ЈПДП работи исклучиво и согласно со законските прописи и договорните обврски што произлегуваат од Проектите за изградба на коридорите 8 и 10-д. Надзорот над изградбата се спроведува преку ангажиран конзорциум избран во претходна постапка и во мандат на претходното раководство.
Наш приоритет е квалитетна и навремена реализација на инфраструктурните проекти од национален интерес. Во таа насока, сите учесници во процесот, вклучително и изведувачот „Бехтел и Енка“, но и надзорот предводен од ИРД, се должни да постапуваат согласно со договорите и важечката регулатива.
ни одговорија од Јавното претпријатие за државни патишта.
На прашањето, пак, каков е коментарот на директорот Коце Трајановски за промените во управувањето и сопствеништвото во „Електра солушнс“, го добивме следниот одговор:

„Во однос на промените… на приватна компанија немаме коментар затоа што сметаме дека тие се дел од нивното деловно работење и не се во директна надлежност на ЈПДП.
За ЈПДП од суштинско значење е надзорот над проектите да се реализира професионално, во согласност со договорените стандарди и рокови. Сите субјекти ангажирани на проектите се обврзани да ги почитуваат тие критериуми.“
Следните зборови се дел од настапот во март 2023 година на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

„Власта влезе во шема која смрди на корупција. Со изборот на надзорот ризикуваат да ја посрамотат Македонија и да го оштетат Буџетот. Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да не мислат уште многу туку да реагираат веднаш, иако тоа требаше да го сторат пред две недели.“
Експресно добиената лиценца, нејаснотиите во бројот на вработени и ветени експерти, високата цена на услугата, се само дел од причините поради тогашната опозиција, а сега власт, бараше истрага од надлежните. Како што кажавме, тогаш јавното обвинителство отвори предмет.

Па, се изненадивме од одговорот сега од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал на прашањето – што е преземено и до каде е предметот?
По наредби на предметниот јавен обвинител МВР презема дејствија. Со оглед дека наредбата до МВР е донесена на 16.9.2024 година и станува збор за подолг временскиот период во кој службите во МВР постапуваат, јавниот обвинител упати низа ургенции со цел поскоро добивање на извештаите по наредбите и расветлување на случајот. Со оглед дека до овој момент до ОЈО ГОКК не се доставени известувања, ве упатуваме останатите прашања да ги доставите до МВР – Единица за корупција.
ни одговорија од ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција.
Се обративме до Министерството за внатрешни работи. Прашавме, зошто не ги доставиле бараните извештаи до обвинителството и кога ќе го сторат тоа?

Ова е интегралниот одговор:
„Во врска со вашите прашања ве известуваме дека од страна на ОЈО ГОКК добиена е Наредба за преземање на дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи. Дел од проверките се веќе извршени, и во тек е анализа на целокупната документација, а дел од проверките треба да се преземат по завршување на анализата со цел добивање на релевантни факти кои се од значење за целосната предистрага.“
Владата на Христијан Мицкоски беше избрана на 23 јуни 2024 година. Тоа значи дека барањето на Обвинителството за гонење организиран криминал до МВР во врска со предметот за надзорот над автопатите од коридорите 10 и 8-д, е стигнато во третиот месец од почетокот на мандатот на сегашниот премиер, а со тоа и на мандатот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ништо од тоа не е пречка за, на терен, да си врват и изградбата и надзорот.
