„Откако ќе стигнат во Тенерифе, доколку се сè уште здрави, сите нешпански државјани ќе бидат вратени во своите земји“, вели шпанската министерка за здравство

Луксузниот крузер погоден од смртоносна епидемија на хантавирус и закотвен од неделата покрај брегот на Капо Верде, вчера отпловил за Шпанија, откако три лица, од кои две тешко болни, беа евакуирани, пишува Ројтерс.
Се очекува бродот „МВ Хондиус“ (MV Hondius), со речиси 150 лица, да се закотви во Тенерифе, на Канарските Острови, во рок од три дена, вели шпанската министерка за здравство Моника Гарсија, додавајќи дека оние што сè уште се на бродот не покажуваат никакви симптоми на болеста.
„Откако ќе стигнат во Тенерифе, доколку се сè уште здрави, сите нешпански државјани ќе бидат вратени во своите земји“,
изјави Гарсија на прес-конференција во Мадрид.
Таа додава дека четиринаесетте шпански патници ќе бидат ставени во карантин во воена болница во Мадрид. Според неа, времетраењето на карантинот ќе зависи од тоа кога потенцијално имале контакт со вирусот и додава дека има 45-дневен период на инкубација.
Три лица – холандски пар и германски државјанин – починаа во епидемијата.
Светската здравствена организација соопшти дека вкупно осум лица – вклучувајќи еден швајцарски државјанин кој се вратил дома и се лекува во Цирих – се сомневаат дека се заразиле со вирусот, а тројца од нив се потврдени со лабораториско тестирање.
Вкупно 146 лица од 23 различни земји остануваат на бродот „МВ Хондиус“ под „строги мерки на претпазливост“, соопшти холандската туристичка компанија „Оушнвајд експедишинс“ која управува со бродот.
Министерството за здравство на Аргентина ќе спроведе заробување и анализа на глодари во јужниот град Ушуаја, точката од каде што тргнал крузерот погоден од епидемијата, се вели во соопштението.
Аргентинските власти соопштија дека холандската двојка која почина од зараза со хантавирус на бродот, претходно неколку месеци патувала низ Аргентина, Чиле и Уругвај, а кон крајот на март повторно се вратила во Аргентина, од каде што се качила на крузерот.
Службениците ја реконструираат маршрутата на холандските државјани кои патувале во Аргентина и Чиле, а подоцна покажале симптоми на хантавирус на крстарењето.
Не се пронајдени поврзани случаи во Аргентина.
Вчера беше соопштено дека тројца патници од бродот се евакуирани. Беше наведено дека авион со еден од нив пристигнал во Амстердам, како и дека едно од евакуираните лица нема симптоми и се претпоставува дека не е заразено.
Холандското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓу овие лица имало Холанѓанец, Германец и Британец и дека ќе бидат транспортирани во специјализирани болници во Европа.
Двајца од евакуираните покажале акутни симптоми, а третото лице било тесно поврзано со германскиот патник кој починал на бродот на 2 мај. Холандското министерство соопшти дека тоа лице е можно да било заразено со вирусот.
Крузерот „МВ Хондиус“, според веб-страниците на неколку туристички агенции е заведен како поларен крузер, а маршрутата на едно од крстарењата што ги има во понудата тргнува од Ушуаја во Аргентина и плови до Зеленортските Острови, со попатни запирања на островите Јужна Џорџија и Света Елена.
