Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа оценил дека државата соодветно ја спровела процедурата за избор на судија за Стразбур, но и дека еден од тројцата утврдени кандидати не ги исполнувал условите
„360 степени“ дознава дека станува збор за адвокатот Јордан Апостолски

Стразбур нема забелешки за националната постапка за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), но Советодавниот панел на експерти смета дека еден од тројцата предложени кандидати не ги исполнува условите.
Од Владата на РСМ за „360 степени“, потврдија дека е добиено мислење од експертскиот панел при Советот на Европа, што е обврзувачки дел од постапката за избор на судија.
За потсетување, претходно, Комисијата за избор на кандидати за судија во Стразбур, во ноември лани за кандидати ги предложи адвокатите Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и универзитетскиот професор Сашо Георгиевски.
Потоа, Министерството за надворешни работи ја проследи листата до Владата, каде се усвои информацијата и предлогот беше испратен на мислење до Советодавниот панел.
„Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа ја разгледал доставената документација и биографиите на кандидатите доставени од Владата. Панелот констатирал дека, по доставените објаснувања, националната постапка е спроведена во согласност со сите соодветни процедури и за постапката нема забелешки. Советодавниот панел дал мислење за исполнувањето на минималните услови предвидени со член 21 став 1 од Европската конвенција за човекови права. Во мислењето се наведува дека дел од кандидатите ги исполнуваат условите, додека за еден кандидат е утврдено дека не ги исполнува условите“,
велат од Владата за „360 степени“.
Оттаму не споделуваат кој од тројцата утврдени кандидати не добил „зелено светло“, но „360 степени“ дознава дека станува збор за адвокатот Јордан Апостолски.
велат од Илинденска бр.2.
„Во оваа фаза нема да коментираме поединечно за кандидатите. Станува збор за институционална постапка која треба да се води достоинствено, професионално и со почит кон сите вклучени лица. Фокусот на Владата се стандардите, процедурата и угледот на државата“,
По добиеното мислење, велат од Владата, ќе постапат во координација со Советот на Европа.
„Ќе го разгледаме мислењето со должно внимание и ќе постапуваме институционално, одговорно и во координација со надлежните тела на Советот на Европа. Наш приоритет е Македонија да има кредибилен процес и квалитетен кандидатски предлог кој ќе одговара на стандардите на Европската конвенција“,
наведуваат оттаму.
Упатени извори велат дека следниот чекор е комисијата за избор да предложи нов кандидат (од пријавените) на местото на Апостолски и листата повторно да се испрати на мислење во Стразбур. Спроведување целосно нова процедура не е потребно.
До изборот на нов судија, функцијата судија во Стразбур продолжува да ја врши обвинителот Јован Илиевски, кој беше назначен во време додека неговиот баџанак Сашо Мијалков беше директор на УБК.
