Освен против една 17-годишничка и три малолетнички на возраст од 14 години, од МВР најавија дека утре ќе бидат поднесени кривични пријави и против родители на инволвираните малолетници
Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четири малолетнички во врска со случајот со врсничкото насилство во скопската општина Ѓорче Петров. Пријавите се поднесени против една 17-годишничка и три малолетнички на возраст од 14 години, за кои постои сомнение дека извршиле насилство.

Во два одделни настани, на 27 и на 30 март годинава, пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, за што, како што наведуваат од МВР, се објавени видеозапис и фотографии на социјална мрежа.
„Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје и се постапува согласно Законот за правда за децата. Во текот на утрешниот ден (05.05.2026), Секторот за внатрешни работи Скопје ќе поднесе кривична пријава и против родители на инволвираните малолетници“,
соопштија од МВР.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатата недела рече дека вкупно 14 лица се повикани на разговор во врска со случајот на врсничко насилство во Ѓорче Петров, а дека за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Меѓу повиканите, како што рече, има и родители на ученички вклучени во случајот.
