Се очекува британскиот премиер Кир Стармер денеска на самитот на Европската политичка заедница во Ерменија да објави дека Британија сака да соработува со ЕУ за да ја поддржи Украина во добивањето витална воена опрема
Велика Британија објави дека е подготвена да започне преговори со Европската Унија со цел да се приклучи кон финансискиот заем од 90 милијарди евра што Унијата неодамна го одобри за Украина, објави Ројтерс повикувајќи се на соопштение од британската влада.

Се очекува британскиот премиер Кир Стармер денеска на самитот на Европската политичка заедница во Ерменија да објави дека Британија сака да соработува со ЕУ за да ја поддржи Украина во добивањето витална воена опрема. Во соопштението на британската влада, кое го цитира Ројтерс, се додава дека дополнителното финансирање би можело да отвори можности да се задоволат итните потреби на Украина, особено во одбранбениот сектор.
„Кога Велика Британија и ЕУ работат заедно, сите ги жнееме придобивките – а во овие нестабилни времиња треба да дејствуваме повеќе во одбраната за да ги заштитиме луѓето“,
вели Стармер во соопштението.
Британскиот премиер претходно повика на посилна одбранбена интеграција во рамки на континентот за да се намали прекумерната зависност на НАТО од САД.
Земјите членки на Европската Унија пред две недели формално одобрија деблокирање на потребниот заем од 90 милијарди евра за Украина и се согласија за 20. пакет санкции против Русија. Двете одлуки досега беа блокирани од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан.
