Двајца од починатите биле брачен пар на возраст од 70 и 69 години
Три лица починале на крузер што пловел во Атлантикот, а сомнежите се дека биле заразени со хантавирус, изјавиле денеска од Светската здравствена организациј (СЗО) за новинската агенција Франс-прес, пренесува „Гардијан“.

Еден случај на инфекција со хантавирус е потврден, а има уште пет сомнителни случаи, рекле од СЗО.
Од шесте заболени лица, тројца починале, а едно е на интензивна нега во Јужна Африка, додале од светската организација. Двајца од починатите биле брачен пар на возраст од 70 и 69 години.
Според Би-би-си заболениот кој е на интензивна нега во Јоханесбург е 69-годишен британски државјанин.
Појавата на хантавирус е пријавена на бродот „МВ Хондиус“ (MV Hondius), кој пловел помеѓу Аргентина и Зеленортските Острови.
Бродот го управува холандската туристичка компанија „Оушнвајд експедишинс“ (Oceanwide Expeditions), од каде засега не одговориле на барањата за коментар.
Претходно денеска, од Министерството за здравство на Јужна Африка за новинската агенција АФП изјавиле дека имало епидемија на „тешка акутна респираторна болест“, која убила најмалку две лица, а третото е на интензивна нега во Јоханесбург.
Хантавирусот обично се пренесува преку контакт со урина или фецес од заразени глодари, но во ретки случаи може да се шири меѓу луѓето. Вирусот може да предизвика тешка респираторна болест.
Првото лице кое развило симптоми бил 70-годишен патник. Тој починал на бродот, а неговото тело било пренесено на островот Света Елена, британска прекуокеанска територија во Јужниот Атлантик.
Неговата 69-годишната сопруга, исто така, се разболела на бродот и била евакуирана во Јужна Африка, каде што починала во болница во Јоханесбург.
Нивната националност сè уште не е утврдена, но извор запознаен со случајот, говорејќи под услов на анонимност, рекол дека меѓу починатите има холандски пар.
Телото на третиот починат, според информациите што ги пренесува „Гардијан“ сè уште се наоѓа на бродот.
Друг патник, 69-годишен Британец, исто така бил евакуиран во Јоханесбург, каде се лекува на интензивна нега.
Според британскиот весник, кој се повикува на анонимен извор, во тек биле дискусии за да се одлучи дали двајца други болни патници треба да бидат сместени во изолација во болница на Зеленортските Острови, архипелаг покрај западниот брег на Африка, по што бродот ќе продолжи кон Канарските Острови.
Светската здравствена организација соопштила дека посредува и ја олеснува координацијата меѓу националните власти и операторите на бродот за организирање медицинска евакуација на двајцата патници со симптоми.
Крузерот „МВ Хондиус“, според веб-страниците на неколку туристички агенции е заведен како поларен крузер, а маршрутата на едно од крстарењата што ги има во понудата тргнува од Ушуаја во Аргентина и плови до Зеленортските Острови, со попатни запирања на островите Јужна Џорџија и Света Елена, пишува „Гардијан“.
Бродот може да смести околу 170 патници и има 70 членови на екипажот. Според неколку онлајн страници за следење на бродови, „МВ Хондиус“ денеска се наоѓал во близина на пристаништето Праја, главниот град на Зеленортските Острови.
Од британското Министерство за надворешн и работи соопштиле дека внимателно ги следат извештаите за потенцијална епидемија на хантавирус на крузерот „Хондиус“ и оти се подготвени да им помогнат на британските државјани доколку е потребно.
„Во контакт сме со компанијата за крстарење и локалните власти“,
рекле од британскиот Форинофис.
