31 Јануари 2018-та година, Владата распиша оглас за речиси 100 директорски и заменички позиции.
– Владата има распишано оглас за избор на директори, УЈП и други институции. Тие во моментов имаат в.д. директори. Огласот е за потврдување на нивното директорско место или избор на нови кадри – беше новинарското прашање упатено на 31 јануари до владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
– Огласот е објавен јавно за сите граѓани на Република Македонија коишто ги исполнуваат условите. И можат да се пријават сите.- одговори Бошњаковски.
И навистина, на конкурсот можеше да се пријави кој сака. Првично, рокот за пријавување беше 5 дена, па по реакциите во јавноста дека е прекраток и наликува на наместен, беше продолжен на 15.
Еден месец подоцна, главното прашање е кој е избран? Па, 360 Степени истражи, дали владата избра кадри од тие „сите“ кои можеа да се пријават или конкурсот служеше само како параван за потврда на вршителите на должност, поставени од претходно, со политичка одлука.
За разлика од многу други информации, одговорот на ова прашања не може да се најде на владината веб-страница. Но, таквите владини одлуки, кога-тогаш мора да излезат во Службен весник. Проверувајќи ги последните изданија, стигнавме до изненадувачко откритие дека на владина седница на 20 февруари се избрани вкупно 31 директор и заменици-директори. Владата не ја информираше јавноста за тоа во редовното соопштение од владината седница, а во дневниот ред беше најавена само точка кадровски прашања.
На 27- ми февруари, владата избрала уште најмалку 27 директори и заменици-директори, од редовите на ДУИ. Таа информација со јавноста ја сподели вицепремиерот Хазби Лика, а меѓу институциите во кои се пополнетите директорските фотелји се и такви што не беа дел од големиот оглас од 31 јануари. Овој избор се уште не е објавен во Службен весник, а освен точката кадровски прашања, изборот не се споменува на друго место во дневниот ред или соопштението од оваа владина седница.
Каде биле новите функционери пред изборот – проверивме еден по еден? Не одеше брзо, особено што за дел од кадрите кои ги објави вицепремиерот Лика не е докрај јасно за кои институции се избрани. И покрај потешкотиите, нашата проверка опфати вкупно 49 избрани лица. Заклучокот до кој дојдовме е дека од секои 10 новоизбрани директори, 8 се всушност старите вршители на должност.
Дека повикот да се пријави секој заинтересиран бил про-форма, покажува уште еден факт. Крајниот рок за пријавување на огласот беше 15 февруари, а рековме една третина од директорите се именувани веќе на 20 февруари. Здраворазумски ли е да се поверува дека во тие пет дена, од кои два беа во викенд, Владата сериозно ги разгледала и оценила кандидатите, пред да направи избор?
Наместо да поставиме прашања, направивме тест. И дадовме рок на владата во еден ден да ни даде не повеќе, туку само список со имињата на сите кандидати за 31-то директорско и заменичко место за кои е извршен избор на 20 февруари. Прес-службата не стигна во ист ден да ни ја даде бараната информација.
За последниот избор на директори од страна на Владата, мислење побаравме во Центарот за управување со промени, невладина организација која одблизу ги следи состојбите во администрацијата. Извршната директорка Неда Малеска Сачмароска смета дека владините огласи се добра практика, но дека тоа не е доволно.
Она на што ќе треба да работиме во наредниот период е прво да биде многу појасно и потранспарентно кои се критериумите за избор на овие функционери. Гледајќи ги конкурсите кои беа објавени, конкурсите беа прилично скромни, значи, вие треба да имате завршено високо образование, да имате пет години работно искуство, а не се кажува за работно искуство од која област и какво специфично работно искуство се бара од кандидатот.- вели Малеска-Сачмароска.
Еднакво важно, додава Малеска, е и кој ги оценувал кандидатите.
– Првин, треба да се види која е комисијата што го спровела процесот на именување, бидејќи станува збор за конкурс – мора да има комисија. Како таа комисија, дали им дала на кандидатите еднакви можности да се претстават на оние што ги исполнуваат критериумите. И, на крај, конечно врз основа на што го направила изборот на овие позиции, односно на оние кои ги добиле позициите. Тоа е основен предуслов за да можеме да кажеме дека процесот се одвивал на начин заснован на заслуги.
– Дали мислите дека ако вакви избори и именувања се повторуваат во иднина, владата ќе наиде на разбирање кај ЕУ, бидејќи нели натаму се стреми државата?
– Ќе треба сериозно да образложи како оди целата постапка, кои се механизмите и кои се критериуми. Така што, Европската унија веќе во скоро време ќе ја запраша владата на кој начин се одвиваат овие именувања и на овие позиции. Така што доколку државата нема одговор на ова прашање, ќе треба во иднина сериозно да се нафати на оваа тема и да воспостави солиден систем којшто ќе биде јавен и транспарентен.- одговори Неда Малеска Сачмароска.
Напишете коментар