Во општата оценка за Македонија, во извештајот се наведува дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска средина, сепак, широко распространетото дезинформирање и недостатокот на професионализам придонесуваат за пад на довербата на општеството во медиумите, а ваквата ситуација, како што се додава, ги изложува независните медиуми на закани и напади
Се нотира и дека владините претставници имаат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите
Македонија падна за три места на глобалниот Индекс за слобода на медиумите што денеска го објави меѓународната организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз.
Имено, откако лани се најде на 42. место, земјава во најновото оценување е рангирана како 45. И се наоѓа во друштвото на земји во кои состојбата со слободата на медиумите се оценува како „проблематична“.

Пад во сите пет индикатори
Како што може да се види од извештајот, Македонија бележи пад во сите пет индикатори кои ја одредуваат позицијата, а кои се однесуваат на политичкиот контекст, економските услови, законската рамка, општествените околности и безбедноста на новинарите.
Така, земјава има вкупен скор 69,77 индексни поени, за разлика од лани кога бројката беше 70,44 поени, што ја рангираше Македонија на 42., со генерална оценка „задоволително“, што сепак беше полоша позиција во однос на онаа од 2024 година, кога земјата беше на 36. место.
На листата на земји каде што состојбата на медиумите се оценува како проблематична, Македонија е во горната половина и пред неа е само Доминиканската Република, која се наоѓа на 44. позиција.
Од земјите во регионот на Балканот, подобро од земјава се рангирани само Словенија, која е на 36. место и Црна Гора, позиционирана како 41.
Зад нас на индексот за 2026 на „Репотери без граници“ се наоѓаат Хрватска, Босна и Херцеговина (БиХ), Албанија, Косово, Бугарија, Грција и Србија.
Од нив најлошо е рангирана Србија, која бележи и најголем пад, од 96. место во 2025 година, на 104. позиција во најновиот извештај.
Во општата оценка за Македонија, во извештајот на „Репортери без граници“ се наведува дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска средина, сепак, широко распространетото дезинформирање и недостатокот на професионализам придонесуваат за пад на довербата на општеството во медиумите. Ваквата ситуација, како што се додава, ги изложува независните медиуми на закани и напади.
„Понатаму, владините претставници имаат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите“,
се наведува во извештајот.
Според меѓународната организација која ги следи состојбите со медиумите на глобално ниво, телевизијата останува доминантен извор на информации во земјава, но важна улога играат и онлајн медиумите.
Но, како што се наведува во извештајот, во овој контекст, мора да се направи разлика меѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и индивидуалните портали кои објавуваат плагирана и копирана содржина.
Владините агенции не се многу транспарентни
Во однос на политичкиот контекст, во извештајот се наведува дека целокупната средина останува поволна за слободата на печатот, но се нотира дека владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство сè повеќе е предмет на напади.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“,
се наведува во извештајот на „Репортери без граници“.
Во него се посочува дека иако Уставот гарантира слобода на говор и забранува цензура, земјава бавно го хармонизира законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, чиј кандидат за членство е.
Од организацијата наведуваат дека стратешките тужби против учеството на јавноста т.н. СЛАПП (SLAPPs) служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми.
„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, уредничкиот персонал на некои од главните телевизиски канали е изложен на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори. Странските грантови базирани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиумски куќи се подложени на влијание од страна на маркетинг-агенциите“,
се наведува во извештајот.
Во однос на социјално-културниот контекст, извештајот нотира дека иако нема јасни ограничувања што влијаат на слободното новинарство, социјалните мрежи и дигиталната сфера го фаворизираат ширењето дезинформации и киберзакани.
Според „Репортери без граници“, овие слабости во комбинација со ниските професионални стандарди придонесуваат за пад на јавната доверба во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на родова, етничка и верска припадност.

Што се однесува до безбедноста на новинарите, се наведува дека неколку инциденти влијаат негативно на овој момент. Како примери се наведени палења на имот на новинари и случаи на малтретирање од страна на полицијата.
Во оваа насока, од „Репортери без граници“ посочуваат на дискрепанца, наведувајќи дека иако е назначен обвинител што ќе се занимава со случаи на напади врз новинари во главниот град, а се разгледува и отворање слични канцеларии низ целата земја, новинарите што известуваат за Обвинителството се соочуваат со значителен притисок.
Никогаш полоша состојба на глобално ниво
Инаку, во генералната оценка на извештајот се наведува дека по првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, состојбата во над половина од земјите во светот е оценета како „тешка“ или многу сериозна.
„За 25 години, просечниот резултат на сите 180 земји и територии опфатени со Индексот никогаш не бил толку низок. Од 2001 година, проширувањето на сè порестриктивните правни арсенали – особено оние поврзани со политиките за национална безбедност – постојано го еродира правото на информации, дури и во демократските земји. Правниот индикатор на Индексот најмногу се намали во текот на изминатата година, што е јасен знак дека новинарството е сè повеќе криминализирано низ целиот свет. Во Америка, ситуацијата значително е променета, при што Соединетите Американски Држави (САД) паднаа за седум места, а неколку латиноамерикански земји се подлабоко во спиралата на насилство и репресија“,
се вели во извештајот.
На врвот на листата од 180 земји во светот е Норвешка, а меѓу првите седум се и Холандија, Естонија, Данска, Шведска, Финска и Ирска. На дното, пак, се Еритреја, Северна Кореја, Кина, Иран и Саудиска Арабија.
Најголем скок на листата бележи Сирија, по заминувањето на режимот на Башар Ал-Асад, која за разлика од лани, кога се наоѓаше на дното, односно на 177. место, годинава е рангирана за 36 места погоре, односно на 141. позиција според слобода на медиумите.
