„Ова е историски ден не само за мене, туку и за сите нас во државата бидејќи претседател на Швајцарија е во прва официјална посета на нашата држава“, кажа претседателката
„Швајцарија и Северна Македонија се земји со долга традиција на мултикултуралност. Нашата соработка, разговор и дијалог се силни, а нашите земји на некој начин се осудени да се борат за нивниот пат и постоење во Европа. Поврзани сме и преку заеднички искуства, солидарност и поддршка“, вели швајцарскиот претседател
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја оцени за историска првата официјална посета на претседател на Швајцарија на нашата земја, посочувајќи дека доаѓањето на швајцарскиот претседател Ги Пармелан претставува силен поттик за продлабочување на билатералните односи и јасна порака за значењето што таа земја му го придава на Западен Балкан.

На заедничка прес-конференција со Пармелан во Вилата „Водно“, Сиљановска-Давкова изјави дека посетата е значајна не само симболично, туку и политички бидејќи отвора нова фаза во односите меѓу двете држави.
„Ова е историски ден не само за мене, туку и за сите нас во државата, бидејќи претседател на Швајцарија е во прва официјална посета на нашата држава“,
рече таа.
Посочи и дека Швајцарија е пример од кој земјава може да учи, особено во делот на демократијата, партиципативната политичка култура, локалната самоуправа и директната демократија.
„Зошто е за нас важна, затоа што се работи за еден успешен пример на мала федеративна повеќејазична држава, во која разликите се надминуваат со знаење, со граѓански капацитет, со компетентност и, се разбира, со постојана активност. Констатиравме дека бележиме напредок во дијалогот. Зошто? Затоа што тој е заснован на почит и имаме намера да продолжиме во ист дух, особено во рамките на ОБСЕ, бидејќи во овие тешки времиња, како што знаете, Швајцарија застана на чело на ОБСЕ. Но, исто така и во Обединетите нации и, исто така, и во Советот на Европа. Мирот и безбедноста ни се главните заложби и многупати сум рекла дека за малите држави решението е мултилатерализмот, а тој вирее во стабилните меѓународни институции“,
вели претседателката.
Според неа, Швајцарија е еден од најголемите донатори на земјава, со значајна поддршка во демократското управување, одржливиот економски развој, заштитата на животната средина и јакнењето на институциите.
Посебно ја истакна швајцарската поддршка за Парламентарниот институт во Собранието, како и програмата за јакнење на законодавната и надзорната функција на парламентот.
„Особено се заблагодарив за поддршката во формирањето и работата на Парламентарниот институт во македонското Собрание, бидејќи тој е најдобрата и најглавната логистичка поддршка на работата на парламентот. Уште една Програма поддржува Швајцарија за поддршка на парламентот, насочена кон подобрување на законодавната процедура на зајакнување на надзорната функција на парламентот, на транспарентноста во работата, а особено во комуникацијата со вас новинарите“,
рече Сиљановска-Давкова.
Потсети дека Швајцарија преку Програмата за соработка 2025–2028 обезбедува 56,1 милион швајцарски франци за поддршка на реформите и евроинтегративниот процес на земјава.
„Иако Швајцарија не е членка на ЕУ, таа ги исполнува сите Копенхашки критериуми и има исклучително развиена соработка со Унијата“,
кажа таа.
Се радува, како што додаде, на формирањето на Комората за стопанска соработка меѓу двете земји.
На средбата со Пармелан, како што рече, му ги презентирала и нашата состојба врзана со евроинтеграциите, како и проблемите со кои се соочува нашата земја на овој пат.
„Ние, географски, културно, историски отсекогаш сме биле дел од Европа и таму ни е местото. Она што го бараме е да бидеме третирани како другите. Она што го бараме е да се концентрираме на реформските предизвици и да не ја губиме енергијата на ирационални прашања“,
заклучи Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата.

Швајцарскиот претседател Ги Пармелан изрази жалење што првата официјална посета на швајцарски претседател на земјава доаѓа дури сега, додавајќи дека таа е доказ за позитивниот развој на односите меѓу двете држави.
Според него, Северна Македонија и Швајцарија ги поврзуваат долгогодишна традиција на мултикултурализам, силна дијаспора и блиски билатерални врски.
„Швајцарија и Северна Македонија се земји со долга традиција на мултикултуралност. Нашата соработка, разговор и дијалог се силни, а нашите земји на некој начин се осудени да се борат за нивниот пат и постоење во Европа. Поврзани сме и преку заеднички искуства, солидарност и поддршка“,
кажа тој.
Нагласи дека Швајцарија им придава големо значење на мирот и стабилноста во Западен Балкан и дека регионот останува приоритет на швајцарската надворешна политика.
„Живееме во тешки времиња. Важно е државите да имаат слични вредности што ќе ги зајакнат нивните односи. Оваа посета претставува важен чекор во билатералните односи меѓу нашите две земји и има за цел да отвори пат за нови и идни размени на овој пат“,
рече швајцарскиот претседател.
Пармелан порача дека европската интеграција останува клучен фактор за мирот и просперитетот на регионот и потврди дека Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на патот кон Европската Унија.
Пармелан пристигна претпладнево на скопскиот аеродром, каде што беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Според агендата, претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, денеска треба да се сретне и со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
