Ивановски, покрај видеото во кое се прикажува како се одвиваат градежните работи, пишува дека работите имаат прогрес од 35 отсто и оти има зголемен интензитет на активностите на делницата во должина од 34 километри

Изградбата на втората фаза на пругата од Бељаковце до Крива Паланка на источниот дел на Коридoрот 8 се реализира со засилена динамика, објави на својот фејсбук-профил директорот на ЈП „Железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
Ивановски, покрај видеото во кое се прикажува како се одвиваат градежните работи, пишува дека работите имаат прогрес од 35 отсто и оти има зголемен интензитет на активностите на делницата во должина од 34 километри.
Минатата недела беше соопштено дека веќе е објавен јавниот повик за надзор за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, а следниот месец се очекува да се распише и меѓународниот јавен повик за избор на изведувач, исто така за делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија, по што во текот на летото ќе започнат градежните активности за делницата од Крива Паланка до заедничкиот тунел.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, минатата недела, во однос на тендерот за избор на надзор за третата најкомплицирана фаза од железничката пруга кон Бугарија рече дека се надева оти што повеќе европски и светски компании ќе аплицираат.
Во однос на заедничкиот тунел Николоски рече дека работите се одвиваат добро и оти се надева дека за брзо време и таму ќе почнат активностите.
