Германската компанија иако го негира ваквото дејство на средството против плевел, се согласи да им исплати отштета на над 100 000 тужители за да ги спречи негативните економски ефекти
Германската хемиската компанија „Баер“ треба да плати 10,9 милијарди американски долари обесштетување по тужбите дека нејзиниот производ „раундап“ за уништување плевел е канцероген.
Досега за овој производ кој се базира на глифосфат се покренати 125 000 судски спорови.
Адвокатската фирма која ја застапува компанијата соопшти дека досега се постигната спогодба со речиси 100 000 тужители.
„Баер“ од самиот почеток негира дека нивниот производ е канцероген, но се согласи да исплати обесштетување, со цел да прекине агонијата со тужбите што се одразува на економската стабилност на компанијата.

Агонијата на „Баер“ со „раундап“ започна во август 2018 година кога судот во Калифорнија ја донесе првата пресуда дека производот е канцероген и одреди висока сума за обесштетување на тужителот.
Во тужбите корисниците на „раундап“ посочуваа дека неговата активна состојка глифосат предизвикува повеќе видови карцином, како лимфома.
Глифосатот е активна состојка кај многу земјоделски производи, и иако сѐ уште нема конечни научни докази за неговата небезбедност, некои земји забранија хербициди кои ја содржат.
Хербицидот „раундап“ е наменет за уништување плевел и како производ постои над 4 децении како заштитен знак на компанијата „Монсанто“ која беше купена од германскиот гигант пред две години.
„Баер“ негира дека глифосатот е канцероген повикувајќи се на потврда од Агенцијата за заштита на животната средина на САД.
Но, судските спорови ѝ нанесоа голема штета на компанијата, при што и вредноста на нејзините акции почна драматично да паѓа, поради што е донесена одлука за исплата на отштета и на актуелните и на сите идни тужби кои ќе бидат поднесени.