На вчерашната седница на парламентот на Косово присуствуваа само пратениците на Самоопределување и нивните коалициски партнери, односно вкупно 64 пратеника. За избор на еден од кандидатите потребно е да гласаат 80 пратеници во првиот круг
Ниту една од двете кандидатки на Движењето Самоопределување за претседателка на Косово не беше избрана на вчерашната седница на парламентот поради недостаток на кворум.

На седницата присуствуваа само пратениците на Самоопределување и нивните коалициски партнери, односно вкупно 64 пратеника. За избор на еден од кандидатите е потребно да гласаат 80 пратеници во првиот круг.
Седницата беше прекината и, според најавите, треба да продолжи денеска.
Опозициските партии, кои ја бојкотираа седницата, ја критикуваа власта дека со вчерашното гласање во парламентот го срушила уставниот поредок на Косово.
Извршниот директор на Косовскиот институт за правосудство, Ехат Мифтарај, изјави дека претседателката на косовското собрание, Албулена Хаџиу, и пратениците на Самоопределување отворено го прекршиле Уставот на Косово бидејќи, како што вели, во неговите одредби децидно е наведено колку пратеници треба да учествуваат на гласањето за избор на претседател на државата.
„Мора да има 80 пратеници присутни во салата за да се смета дека се исполнети законските услови за продолжување на постапката за претседателски избори. Во случај кога ова мнозинство недостасува, се докажуваат лошите намери на владејачката партија. Избегнувањето на минимален консензус и користењето процедури што го кршат Уставот и практиките на Уставниот суд го загрозуваат уставниот поредок“,
рече тој.
Според одлуката на Уставниот суд на Косово, доколку претседателот не биде избран до 28 април, парламентот автоматски се распушта, а предвремените избори мора да се одржат во рок од 45 дена. За избор на претседател се потребни две третини од гласовите на 120 пратеници во првите два круга гласање и 61 глас во третиот круг, но за одржување на седницата е потребен кворум од најмалку 80 пратеници.
