Ваквиот пристап, според извори на медиумот, е обид за излез од дипломатскиот ќор-сокак, во услови кога иранското раководство е поделено околу тоа какви отстапки треба да му понуди на Вашингтон
САД, пак, остануваат на ставот дека Иран мора да го запре збогатувањето ураниум и да се откаже од можноста за развој на нуклеарно оружје, што останува клучна точка на спор меѓу двете страни
Белата куќа потврди дека го примила новиот ирански предлог, но засега не открива дали Вашингтон е подготвен да го разгледа
Иран испрати нов предлог до Соединетите Американски Држави (САД) за деблокирање на Ормускиот Теснец и ставање крај на војната, додека разговорите за нуклеарната програма да бидат одложени за подоцнежна фаза, објави американскиот медиум „Аксиос“, повикувајќи се на американски официјален претставник и двајца извори запознаени со преговорите.

Според предлогот, Техеран се обидува да го заобиколи најспорното прашање за нуклеарната програма, со цел побрзо да се постигне договор за отворање на Ормускиот Теснец и прекин на непријателствата.
Иранскиот план, според „Аксиос“, е доставен преку пакистански посредници и предвидува продолжување на прекинот на огнот на подолг рок или постигнување траен договор за прекин на војната, додека за нуклеарните разговори е предвидено да започнат дури откако ќе се деблокира теснецот и ќе се укине американската блокада.
Ваквиот пристап, според извори на „Аксиос“, е обид за излез од дипломатскиот ќор-сокак, во услови кога иранското раководство е поделено околу тоа какви отстапки треба да му понуди на Вашингтон.
САД, пак, остануваат на ставот дека Иран мора да го запре збогатувањето ураниум и да се откаже од можноста за развој на нуклеарно оружје, што останува клучна точка на спор меѓу двете страни.
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува денеска да одржи состанок со својот тим за национална безбедност во Белата куќа, на кој ќе се разговара за застојот во преговорите и за следните чекори на Вашингтон. Според американски медиуми, Трамп и натаму размислува за продолжување на поморската блокада врз Иран, како средство за дополнителен притисок врз Техеран.
Во меѓувреме, дипломатската криза дополнително се продлабочи откако пропадна најавената средба меѓу американските пратеници и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во Исламабад.
Трамп изјави дека го откажал патувањето на своите претставници, оценувајќи дека разговорите можат да се водат и телефонски, без нови дипломатски мисии.
Белата куќа потврди дека го примила новиот ирански предлог, но засега не открива дали Вашингтон е подготвен да го разгледа.
Портпаролката Оливија Велс изјави оти САД нема да преговараат преку медиумите и повтори дека Вашингтон ќе прифати само договор што ќе гарантира дека Иран никогаш нема да дојде до нуклеарно оружје.
Во интервју за телевизијата Фокс њуз, Трамп порача дека Иран може директно да контактира со САД доколку Техеран е подготвен да преговара за ставање крај на воениот конфликт, нагласувајќи дека комуникацијата може веднаш да се воспостави преку безбедни канали.
Според него, планираното патување на неговите специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер е откажано токму поради можноста наместо со посредници, Иран и САД да разговараат директно за евентуален крај на војната.
Двајцата американски претставници требаше да отпатуваат во Исламабад за можни индиректни разговори со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
