Двете одлуки досега беа блокирани од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан кој го оправда своето вето обвинувајќи ја Украина за одложување на поправката на нафтоводот „Дружба“, кој испорачува руска нафта во Унгарија
Земјите членки на Европската Унија денеска формално одобрија деблокирање на потребниот заем од 90 милијарди евра за Украина и се согласија за 20. пакет санкции против Русија.

Двете одлуки досега беа блокирани од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан кој го оправда своето вето обвинувајќи ја Украина за одложување на поправката на нафтоводот „Дружба“, кој испорачува руска нафта во Унгарија. Нафтоводот беше оштетен во напад со руски беспилотни летала кон крајот на јануари.
Украинските енергетски претставници вчера објавија дека поправката на нафтоводот е завршена и ја информираа унгарската нафтена компанија МОЛ дека ќе започнат испораките на нафта.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево во објава на социјалните мрежи потврди дека заемот за Киев е деблокиран, а одобрен е и новиот пакет санкции против Москва.
„Ветено, исполнето, спроведено. Стратегијата на Европската Унија за постигнување праведен и траен мир во Украина се потпира на два столба – зајакнување на Украина и зголемување на притисокот врз Русија. Денес постигнавме напредок во двете области. Европа е обединета и непоколеблива во својата поддршка за Украина“,
напиша Кошта во објава на Икс.
Promised, delivered, implemented.
— António Costa (@eucopresident) April 23, 2026
The EU’s strategy to achieve a just and lasting peace in Ukraine rests on two pillars: strengthening Ukraine; increasing pressure on Russia. Today we moved forward on both:
▪️ Unlocking the €90 billion loan to Ukraine, securing financial and…
Лидерите на ЕУ се согласија за заемот за Украина уште во декември минатата година, но унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, поддржан од Словачка, стави вето на заемот во март годинава поради спорот со Киев во врска со оштетениот нафтовод „Дружба“, кој носи руска нафта до Унгарија.
