„Македонија турист“ ќе инвестира и 17,7 милиони евра во парцела за хотел и трговски во Ново Лисиче
Зградите обележја на главниот град, поранешните хотели „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа) се најдоа на список за продажба за кој ќе одлучуваат акционерите на „Македонија турист“ на собранието закажано за 22 мај годинава, покажуваат материјалите објавени на Македонската берза, пишува „Призма“.

Покрај овие два хотели, на предлог-листата за продажба се и познатата Пивница на плоштадот, спроти хотелот „Мериот“, и трикатница карши поранешен ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје.
Еден од поголемите акционери во „Македонија турист“, бизнисменот Фатмир Етеми, во изјава за БИРН, вели дека со евентуалната продажба на дел или на сите објекти ќе се финансира реновирање, проширување и изградба на нови туристички капацитети.
„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест-вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од овие што се продаваат, се активни и работат.
„А, дали ќе се продадат, сепак, ќе видиме. Тоа ќе биде одлука на акционерите. Во ‘Македонија турист’ има четири-пет сопственици со приближно ист дел од акциите и не се сите за продажба. Јас лично не сум за продажба“,
вели Етеми.
Засега, вели тој, нема конкретни понуди за овие препознатливи објекти.
Уникатната Арапска куќа е изградена меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварска архитектура и таа меѓу шеесеттите и деведесеттите години на минатиот век функционираше како хотел под името „Јадран“.
Објектот е под генерална заштита, а во тек е процедурата да стане и зграда споменик.
Хотелот „Бристол“ не е под конкретна заштита, меѓутоа станува збор за објект стар еден век, кој повозрасните скопјани го паметат по големата летна тераса. Тој не работи од 2012 годинa.
Целиот текст прочитајте го тука.
