Според него, Владата е подготвена за разговори со соседите, но се неопходни јасни гаранции од Европски совет за заштита на македонскиот идентитет и за тоа дека нема да има нови билатерални барања во иднина
Потсети дека земјата направила сериозни отстапки во изминатите децении, од промена на знаме и Устав, до промена на уставното име, додавајќи дека нема друг пример во Европа со такви чекори во името на евроинтеграциите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Виена изјави дека процесот на пристапување на земјата во Европска Унија се билатерализира и дека државата е изложена на притисоци од земја членка. Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, за можностите за деблокирање на евроинтеграциите, особено по изборите во Бугарија, премиерот кажа дека условите што се поставуваат немаат врска со Копенхашките критериуми.

„Имаме чувство дека процесот се билатерализира и дека сме жртва на булинг по принципот – ние сме внатре, вие сте надвор, ако сакате да бидете внатре, прифатете ги нашите услови“,
рече тој.
Посочи дека Владата е подготвена за разговори со соседите, но дека се неопходни јасни гаранции од Европски совет за заштита на македонскиот идентитет и за тоа дека нема да има нови билатерални барања во иднина.
„Нашата позиција е многу јасна. Ние сме подготвени како Влада да седнеме со нашите соседи и да разговараме за надминување на овој проблем. За нас се поважни гаранциите кои ние ќе ги добиеме и ги очекуваме од Европскиот совет за нашиот македонски идентитет, како прво. Второ, дека нема да има дополнителни билатерални прашања кои повторно некој ќе ги отвори. И трето, што правиме со македонската заедница, која, за жал, во Бугарија не може да формира невладина организација, а камоли нешто повеќе и покрај тоа што Европскиот суд за човекови права има донесено најмалку 14 пресуди со кои се бара од Бугарија да дозволи барем регистрирање невладини организации“,
кажа Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека стратегиската определба на државата останува членството во ЕУ, но дека граѓаните се фрустрирани од долгогодишниот процес, кој наместо во напредок се претвори во приказна без крај поради билатерални прашања. Потсети дека земјата направила сериозни отстапки во изминатите децении, од промена на знаме и Устав, до промена на уставното име, додавајќи дека нема друг пример во Европа со такви чекори во името на евроинтеграциите.
„Нашата позиција како Влада е јасна дека иднината на земјата е во рамките на ЕУ и тука немаме никаква дилема. Но, што е тоа што ги фрустрира македонските граѓани и што ја прави македонската европска иднина неизвесна? Тоа е процесот на билатерализација на пристапните преговори за кој чувствуваме дека за нас е исклучително тежок и фрустрирачки. Ние овој процес го почнавме пред 26 години, кога го потпишавме договорот за стабилизација и асоцијација, пред 21 година официјално станавме кандидати, а од 2009 г. го добивме првиот позитивен Извештај од ЕК за почеток на преговорите. За жал, поради билатералните прашања, овој процес за нас се претвори во приказна без крај. Попатно го променивме своето знаме, ги променивме своите банкноти, неколку пати го менувавме Уставот, а последно го променивме и уставното име. Зарем има втор пример во Европа што може приближно да каже дека направил нешто како нас во името на европските интеграции? Втор пример нема. И повторно се бара сега од нас – промена на Уставот“,
вели премиерот.
Мицкоски денеска на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер во Виена рече дека Австрија е еден од ретките партнери со кои Македонија може да ја претвори економската визија во реалност, не само поради економското присуство, како што рече, туку и поради конзистентноста, сериозноста и разбирањето на регионот.
Според него, Македонија не сака само да ја одржува оваа соработка, туку таа да биде подигната на повисоко ниво.
Премиерот е во посета на Австрија со владина делегација во чиј состав се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
