Од кипарското претседателство со ЕУ информираат дека се вложени значителни напори процесот да започне што е можно побргу, имајќи ја предвид обемната техничка работа што претстои пред официјалното изготвување на пристапниот договор со Црна Гора
Според европската комесарка за проширување Марта Кос, ова е голем чекор на патот кон членство во ЕУ, јасно признание за напредокот на Црна Гора и охрабрување за забрзување на реформите
Црна Гора направи значаен исчекор кон членство во Европската Унија откако земјите членки се согласија да започнат со подготовка на договор за пристапување, пренесува бриселскиот портал „Еурактив“.

Амбасадорите на земјите членки на Европска Унија денеска донесоа одлука за формирање ад хок работна група, која ќе започне со подготовка за изготвување на нацрт-договорот за пристапување на Црна Гора во Унијата.
Одлуката е донесена на состанок во Брисел, а од кипарското претседателство со ЕУ оценија дека станува збор за силен сигнал дека проширувањето останува реална перспектива за земјите кандидати.
Од кипарското претседателство со ЕУ информираат дека се вложени значителни напори процесот да започне што е можно побргу, имајќи ја предвид обемната техничка работа што претстои пред официјалното изготвување на пристапниот договор.
„Убедени сме дека ова ќе испрати силен сигнал дека пристапувањето е на дофат за партнерите во процесот на проширување“,
изјави портпаролот на кипарското претседателство.
Формирањето на работната група се смета за важен институционален чекор што треба да го забрза процесот на приклучување на земјата кон европското семејство.
Црна Гора, заедно со Албанија, се смета за водечки кандидат за следно членство во Унијата, по приемот на Хрватска во 2013 година.
Земјата досега има затворено 14 од вкупно 35 преговарачки поглавја, што дополнително ги засилува очекувањата за напредок во наредниот период.
Црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ ја поздрави одлуката и ја оцени како одлична вест и потврда дека државата се движи во вистинска насока.
Според неа, формирањето на работната група е уште еден чекор кон остварување на целта Црна Гора да стане следната, 28. членка на Европската Унија до 2028 година.
Веста дека земјите членки одлучија да започнат со изготвување на договорот за пристапување на Црна Гора во ЕУ денеска ја потврди и европската комесарка за проширување Марта Кос, која посочи дека со тоа сега се обликува местото на земјата во Унијата.
Montenegro’s place inside the EU is now taking shape.
— Marta Kos (@MartaKosEU) April 22, 2026
Today, Member States decided to start drafting Montenegro’s EU Accession Treaty.
This is a major step on the path to EU membership, a clear recognition of Montenegro’s progress, and an encouragement to accelerate reforms.…
Според неа, ова е голем чекор на патот кон членство во ЕУ, јасно признание за напредокот на Црна Гора и охрабрување за забрзување на реформите.
„Ова нуди можност да се извлечат поуки од минатите проширувања и да се вклучат нови и посилни заштитни мерки во идните договори за пристапување за да се спречи назадување во владеењето на правото и фундаменталните вредности“,
напиша Кос на нејзиниот профил на Икс.
На меѓувладината конференција со ЕУ во Брисел, одржана на 18 март, Црна Гора привремено го затвори преговарачкото Поглавје 21 кое се однесува на трансевропските мрежи. Со тоа, бројот на затворени поглавја изнесува 14.
