„Иако за овој предмет барам поведување постапка за одредбите, не значи дека ако се поведе постапка денеска, тоа ќе биде ’спасување’ на судијата Елизабета Дуковска чијшто избор за уставен судија беше поништен од Управниот суд… бидејќи ќе предложам укинување, а не поништување на одредбите…што би значело во иднина да не може да се повторува таква постапка“, рече уставната судијка Добрила Кацарска која е известителка во предметот во кој се оспорени одредби од Законот за судовите и од Законот за управни спорови
Постапка не беше поведена, а причината не беше тоа што мнозинството одлучи дека законските одредби се уставни, туку затоа што резултатот по гласањето беше изедначен, односно четворица судии гласаа „за“, а четворица нивни колеги се изјаснија „против“
Дали е во согласност со Уставот Управниот суд да може да решава и да поништува одлуки донесени од парламентот, Владата или претседателот на државата за избори, именувања или разрешувања на функционери и за тоа странката засегната од управната постапка да нема право на жалба. Пред ова прашање денеска беа исправени судиите во Уставниот суд, кои расправаа по иницијатива со која се оспоруваат одредби од Законот за судови и од Законот за управни спорови.

Иако наведена само како пример, оспорените одредби се оние од кои Управниот суд црпеше законска надлежност да донесе пресуда со која лани беше поништен изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка, две години по нејзиниот избор од Собранието на оваа функција.
Уставниот суд требаше да одлучи дали ќе поведе постапка за уставноста на оспорените одредби кои на свој грб ги почувстува Дуковска.
Постапка не беше поведена, а причината не беше тоа што мнозинството одлучи дека законските одредби се уставни, туку затоа што резултатот по гласањето беше изедначен, односно четворица судии гласаа „за“ поведување постапка, а четворица нивни колеги се изјаснија „против“.
За потсетување, Уставниот суд работи со осум судии, наместо со девет, колку што е вкупниот број, токму поради „одјавувањето“ на Дуковска од функцијата. Предметот сега останува отворен и за него повторно ќе се одлучува кога ќе се пополни испразнетото место, односно ќе се чека Собранието да се изјасни за предлогот на Судскиот совет и да ја именува апелациската судијка Мери Дика Георгиевска за уставна судијка.
Што е оспорено
Иницијативата по која денеска расправаше Уставниот суд е поднесена од адвокатот Бранко Радојчиќ. Во неа, како што наведоа од Судот, оспорени се членот 34 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите и член 3 став 1 точка 5, член 24 став 2 алинеја 3, како и член 69 точка 4 од Законот за управни спорови, кој е донесен во 2019 година.
Во ставот 1 алинеја 1 од членот 3 од Законот за судовите се вели следното:
„Управниот суд е надлежен да решава: за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон“.


„Во управен спор судот одлучува за: законитоста на конечните поединечни акти со кои се одлучува за избор, именување и разрешување на носители на јавни функции донесени од Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, како и органите на единиците на локална самоуправа“,
пишува во алинеја 5 од ставот на 3 од Законот за управни спорови.


Во членот 24 став 2 алинеја 3 од истиот закон, пак, законодавецот пропишал дека тужбата до Управниот суд може да се поднесе „кога во постапката која му претходела на актот не се постапило според правилата на постапката“.

Во членот 69 е оспорен делот во кој е пропишано дека: „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган“.


Радојчиќ во иницијативата тврди дека со овие одредби се создава системски ризик за уставниот поредок поради, според него, несоодветната и уставно неиздржана надлежност на Управниот суд да врши контрола врз акти на Собранието кои по својата природа не се управни, туку политички, бидејќи произлегуваат директно од неговата функција како законодавен и политички орган.
Тој наведува дека со ваквата поставеност директно се нарушува темелното уставно начело на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, како и дека одлука на Собранието за избор на судија на Уставниот суд, член на Судскиот совет, гувернер (на Народната банка н.з.) не преставува управен акт по својата природа. Одлуката, како што наведува подносителот на иницијативата, не се носи во управна постапка, туку во посебна собраниска процедура која е израз на политичка волја.
Кацарска: Ова не е обид за „спасување“ на Елизабета Дуковска
Разгледувањето на неговите наводи Уставниот суд го почна со реферирање на предметот од уставната судијка Добрила Кацарска како известителка.
Таа во опсежна елаборација во форма на прашања и одговори ги наведе своите ставови за оспорените законски одредби, а нејзиниот заклучок беше во насока дека треба да се поведе постапка за оценка на уставноста.
„Доколку судовите се овластат да одлучуваат за акти кои не се однесуваат на права и правни интереси, туку на избор врз основа на дискреција, се менува природата на судската функција и нејзината уставна поставеност“,
рече Кацарска во дел од аргумантацијата на својата позиција.
На прашањето дали формилацијата „ако тоа е определно со закон“, овозможува проширување на судската надлежност надвор од уставно утврдените граници, нејзиниот одговор беше:
„Ваквата формулација остава отворена можност законодавецот да ја проширува судската надлежност без јасни ограничувања. Тоа создава ризик од нејзино проширување на области кои не се предвидени со Уставот“.

Кацарска беше децидна во ставот дека Владата и Собранието не се управни органи, како и дека одлуките што ги носат не се управни акти. Во таа насока, според нејзината позиција, тие не можат да бидат разгледувани во управна постапка.
„Да нема недоразбирање, јас не сум против контрола, со оглед дека 44 години го практикувам правото, што значи јас сум поддржувач на тоа да има контрола, но битно е каков вид на заштита треба да има, во која постапка, пред кој суд и пред кои уставни граници. Прашањето кое го поставувам е – дали некој смета дека премиер на држава, Влада и Собрание се управни органи? Дали актите што ги носат се управни акти донесени во управна постапка? Одговорот е, апсолутно не“,
рече Кацарска.
Дополнувајќи се во рамките на дискусијата што се отвори по нејзиното реферирање, Кацарска посочи дека тоа што бара поведување постапка не е обид за „спасување“ на судијката Елизабета Дуковска, бидејќи како што кажа, таа предлага укинување, а не поништување на оспорените одредби.
За појаснување, доколку Уставен ги укине законските одредби, тие нема да важат за во иднина, а доколку ги поништи, тоа ќе значи како никогаш да не биле во сила, што би значело дека поништувањето на изборот на Дуковска за уставна судијка е донесено незаконски.
„Бидејќи јавноста следи преку преносот во живо, да напоменам и да појаснам, иако за овој предмет барам поведување постапка за одредбите, не значи дека ако се поведе постапка денеска ќе биде ’спасување’ на судијата Елизабета Дуковска чијшто избор за уставен судија беше поништен од Управниот суд… бидејќи ќе предложам укинување, а не поништување на одредбите.. .што би значело во иднина да не може да се повторува таква постапка“,
кажа Кацарска.
Кој ѝ даде поддршка на Кацарска
По рефератот на Кацарска дискутираа тројца нејзини колеги – уставните судии Насер Ајдари, Осман Кадриу и Фатмир Скендер.
Тројцата рекоа дека ќе ги поддржат или делумно ќе ги поддржат наводите на нивната колешка.
„Јас ќе го поддржам рефератот во целина и документите кои се дадени во рефератот и излагањето на судијата известител“,
рече судијата Ајдари.
Судијата Осман Кадриу наведе дека извештајот на Кацарска бил мошне јасен и прецизен и дека за него одредбите кои се оспоруваат се сериозно проблематични.
„Со овие одреди за прв пат во нашиот правен систем од 2019 година се воведува и една институција – управно-судска контрола на актите што ги донесуваат властите, а се однесуваат на избор, именување и разрешуавње на носителите на јавни функции. Конретно, станува збор за одлуките на Собранието, Владата, претседателот на државата и зошто да не и на одлуките на носителите на локалната самоуправа кои се однесуваат на именување и разрешување на носители на јавни функции. Ова создава сериозни правни импликации во нивната примена и спроведување. Ова дотолку повеќе што со ваквите одредби се повредуваат важните уставни начела за владењето на правото и правната сигурност“,
рече Кадриу.
Правната несигурност, како што наведе тој, се гледа во тоа што во законските решенија воопшто не се наведени рокови во кои треба да се произнесе Управниот суд. Без да ја именува, тој го посочи случајот со судијката Дуковска.
„Како што имавме во конкретен случај, се поведува постапка, Управниот суд после две-три години одлучува дека актот е ништовен и со тоа се прогласува за ништовен и самиот избор. Се поставува прашањето кои се последиците, кога со одлука на Управниот суд се поништува избор на функционер после две-три години. Тоа е недопуштено. Затоа Уставниот суд треба да даде одговор… Па, ако се повредува уставното право, тогаш ние како уставни судии сме пред серизен испит и дали ќе го положиме или не зависи од нас“,
рече уставниот судија Кадриу.
Неговиот колега, судијата Фатмир Скендер, пак, директно го посочи случајот со судијката Елизабета Дуковска, наведувајќи дека тој и тогаш укажал дека се прави преседан, што го наметнува прашањето кој би бил следниот уставен судија чиј избор би бил поништен.
„Овде ние сите се сеќаваме што се случи со нашата колешка, и тоа не е видена пракса. Тоа беше со разрешувањето на садијката Елизабета (Дуковска) и се сеќавате кога кажав кој е следниот, бидејќи секој од нас може да да биде следен, пет месеци пред завршувањето на кариерата, може да бидеш разрешен. Така што, дел од овие оспорени одредби навлегуваат во нарушување на балансот на властите коишто се уставно загарантирани“,
рече судијата Скендер.
Случајот со Елизабета Дуковска
Инаку, судијката Дуковска, на која и пресудија одредбите што се оспорени пред Уставниот суд, беше избрана за уставна судијка од Собранието на 10 април 2023 година, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје, а сега членка на Судскиот совет. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои била и таа.

По нејзината тужба, во мај минатата година Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
Дуковска беше „одјавена“ од Уставниот суд, а Судскиот совет објави нов оглас за избор на уставен судија. Во меѓувреме, Дуковска ги користи правните лекови што ѝ се на располагање против пресудата на Управен, „одјавувањето од работа“ од Уставен и постапките на Судскиот совет во нејзиниот случај.
Меѓу последните „правни лекови“ што ги користеше судијката Дуковска беше нејзиното барање до Судскиот совет да констатира дека пресудата на Управен е неизвршна.
Но, Судскиот совет на седница не се произнесе директно по барањето на Дуковска, туку донесе одлука да објави оглас за избор на уставен судија.
Дуковска реши повторно да се пријави на огласот за уставен судија и влезе во потесниот избор заедно со нејзината колешка од Апелацискиот суд Скопје Мери Дика Георгиевска.
Судскиот совет со мнозинство гласови реши да ја предложи Мери Дика до Собранието, кое дополнително треба да се произнесе на пленарна сесија.
Доколку парламентот ја избере Дика, тогаш Уставниот суд ќе биде во полн состав и ќе може повторно да одлучува по иницијативата за која денеска гласаше пата-пата.
