„ЕУ веќе има воведено широки санкции врз Иран, но денес постигнавме и политички договор за проширување на нашиот режим на санкции за да ги таргетираме и оние одговорни за кршење на слободата на пловење“, вели високата претставничка на ЕУ за надворешна политика

Земјите членки на Европска Унија се договорија за проширување на санкциите против Иран, со кои ќе бидат опфатени и одговорните за блокадата на Ормускиот Теснец, вели високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.
„ЕУ веќе има воведено широки санкции врз Иран, но денес постигнавме и политички договор за проширување на нашиот режим на санкции за да ги таргетираме и оние одговорни за кршење на слободата на пловење“,
вели Калас во соопштението објавено на веб-страницата на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Таа вели дека министрите јасно укажале дека не може да има преговори за слободата на пловење и оти дневните одлуки за отворање и затворање на Ормускиот Теснец се неодговорни.
„Транзитот низ теснецот мора да остане бесплатен. Европа ќе ја одигра својата улога во враќањето на слободниот проток на енергија и трговија откако условите ќе го дозволат тоа. Нашата поморска мисија ASPIDES е најбрзиот начин за заштита на превозот во регионот и ги замолив министрите да стават на располагање повеќе средства“,
се додава во соопштението.
Таа вели дека прекинот на огнот во Иран и Либан во голема мера важи, но оти примирјето наскоро истекува.
„Доколку борбите продолжат вечерва, тоа ќе биде со многу голема цена за сите, и затоа е важно да се одржи следната рунда разговори“,
вели Калас.
Калас, потсетувајќи на изјавата на премиерот Салам за мировните разговори на Либан со Израел и неговите напори да ја извлече земјата од стисокот на Хезболах, рече дека ЕУ продолжува со поддршката за либанските вооружени сили и работи на можна цивилна мисија.
„Колку повеќе ја зајакнуваме либанската армија, толку послаб го правиме Хезболах“,
додава таа.
