Последната порака што Димитровска ја добива од Столевски е ПДФ-документ кој всушност е електронски издаден сертификат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на име на Татјана Димитровска од Државната комисија за спречување на корупцијата
Ај честито и злато си, частам ручек. Порака со ваква содржина му испратила поранешната претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, на ревизорот Миле Столевски, кој во нејзино име го полагал тестот со кој експравата антикорупционерка се здобила со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани податоци.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на денешното рочиште од судскиот процес во кој меѓу обвинетите е Димитровска, ги читаше пораките што како доказен материјал треба да посведочат како таа и Столевски комуницирале и се договарале за таа да добие сертификат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани податоци, пренесе телевизијата Телма.
Како што наведуваат од ОЈО ГОКК, Димитровска му ги дала корисничкото име и лозинката на Столевски, вработен во Државниот завод за ревизија, а при полагањето на испитот двајцата комуницирале.
Според комуникацијата што денеска ја сподели ОЈО ГОКК во доказната постапка од судскиот процес, Димитровска го прашала Столевски како му оди, на што тој одговорил: „Ќе полагам сега“, по што таа му возвратила: „Ради ДКСК, ај со среќа“.
„Ај честито, положи“, вели Столевски во следната порака.
На неа Димитровска одговара: „Ај нека ни е, злато си“.
Последната порака што Димитровска ја добива од Столевски е ПДФ-документ кој всушност е електронски издаден сертификат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на име на Татјана Димитровска од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Инаку, на денешното рочиште беа презентирани и пораки од друга обвинета во предметот, Билјана Петровска-Мандева, вработена во ТЕЦ „Неготино“.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, таа преку пораки го известувала поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, инаку обвинет во случајот „Адитив“, дека е отворена истрага за набавката на мазут. Како доказ Обвинителството посочи оти таа му ја фотографирала наредбата од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) која пристигнала во ТЕЦ „Неготино“.
Според обвинителот Фатон Азизи, доказите презентирани денеска јасно покажуваат дека во случајот незаконски бил полаган тестот за безбедносен сертификат.

„Сметаме дека Обвинителството со изведување на овие пораки докажа дека реално лицето Миле се приклучило на веб-сајтот, неоваластено ги дава податоците, го полага тестот во име и за сметка на друго лице“,
изјави обвинителот.
Од друга страна, бранителот на Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ, вели дека презентираните докази не претставуваат кривично дело.
„Сето она што денеска го видовме не претставува кривично дело. Тоа се меѓусебно споделени информации и податоци за кои нема изрична забрана. Конкретно, ќе повторам, се работи за квиз-тест, кој е од таков формат што нема строга форма“,
изјави тој по рочиштето.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, минатата недела пред судот се изјасни дека не се чувствува виновна за делата што ѝ се ставаат на товар. Димитровска при произнесувањето пред судот рече дека сега е вработена во Државниот завод за ревизија како помошник на државниот главен ревизор.
Димитровска е обвинета за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат, односно дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.
Покрај Димитровска, на обвинителната клупа се и ревизорот Столевски, како и Билјана Петровска-Мантева, која се товари за оддавање службена тајна.
