Како што посочи Клековски, покрај медицинската, Фондот спроведува и континуирана финансиска контрола, при што во три случаи било утврдено неправилно пресметување приходи кај директори на јавни здравствени установи. На прашањето дали очекува и други случаи, тој нагласи дека целта е воспоставување систем на заемна одговорност и почитување на правилата
Тројца актуелни или поранешни директори на јавни здравствени установи вратија по околу 500 000 денари, односно вкупно 1,5 милиони денари (речиси 25 илјади евра), пари кои претходно ги примиле врз основа на неправилна пресметка на плата, соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.

Како што посочи, покрај медицинската, Фондот спроведува и континуирана финансиска контрола, при што во три случаи било утврдено неправилно пресметување приходи кај директори на јавни здравствени установи.
„Во три случаи актуелни или поранешни директори ги вратија погрешно пресметаните приходи од речиси еден и пол милион денари“,
рече тој.
На прашањето дали очекува и други случаи, тој нагласи дека целта е воспоставување систем на заемна одговорност и почитување на правилата.
Според него, во тек се мерки за подобрување на платите во здравството, при што капитациите за матичните лекари се зголемени за 33 отсто, а во изминатиот период се реализирани и дополнителни покачувања на платите во јавниот здравствен сектор.
Истовремено, Клековски порача дека очекува фер однос од сите засегнати страни и прекин на злоупотребите поврзани со додатоците на плата.
„Не може да дозволиме да има самовреднување и самонаплата. Ќе има јасни и фер правила до кои сите ќе треба да се придржуваат“,
кажа Клековски.
Од Фондот најавуваат дека ќе продолжат со засилените контроли и комуникацијата со јавните здравствени установи и синдикатите, со цел воспоставување транспарентен и правичен систем на наградување во здравството.
