Последната точка, околу која денеска била постигната согласност, се однесувала на Хиршовиот индекс, односно било договорено тој да не биде примарен критериум при унапредувањето на професорите во повисоки звања, туку да служи како дополнителен критериум во случај кога двајца кандидати имаат идентичен број бодови
Законот за високо образование утре ќе биде пуштен во владина процедура, откако завршиле и последните консултации на Министерството за образование и наука (МОН) и коалицискиот партнер во Владата од редовите на партиите на Албанците – ВЛЕН, соопшти денеска ресорната министерка Весна Јаневска.

На средбата со претставници од ВЛЕН, како што информираа таа, биле дискутирани шест точки поврзани со законот, од кои пет, според Јаневска, биле веќе претходно апсолвирани.
Последната точка, околу која денеска била постигната согласност, се однесувала на Хиршовиот индекс, односно било договорено тој да не биде примарен критериум при унапредувањето на професорите во повисоки звања, туку да служи како дополнителен критериум во случај кога двајца кандидати имаат идентичен број бодови.
Инаку, Хиршовиот индекс, кој се означува со h-индекс, е мерка што истовремено ги оценува продуктивноста и влијанието, односно цитираноста на научниот труд на еден истражувач. На пример, h-индекс 8 значи дека истражувачот има осум труда кои се цитирани најмалку осум пати.
„Денеска ја имавме последната средба со нашиот коалициски партнер ВЛЕН, имавме шест точки кои ги дискутиравме, со сите шест точки се усогласивме и утре законот оди во владина процедура. Пет од точките веќе беа и порано дискутирани затоа што ова беше континуиран процес и тие веќе не беа воопшто спорни. Последната точка за која дискутиравме беше Хиршовиот идекс, за која исто така најдовме решение, тој да не биде основен елемент како критериум за избор, туку да влезе во додатните елементи за критериуми за избор. Во тој случај кога двајца професори ќе имаат идентични бодови пресуден да биде Хиршовиот индекс. Тоа е прифатено“,
изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по настанот за ученици од основните училишта во Скопје – „Зеленикс – од предизвик до иновација“, во организација на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.
Дека законот за високо образование е финализиран и ќе влезе во владина процедура, Јаневска најави минатата недела, наведувајќи дека во текстот на законското решение биле земени предвид дел од забелешките на универзитетите, вклучително и од уметничките факултети, по што законот е усогласен и затворен.
Таа во петокот посочи дека законот два пати бил поставуван на Електронскиот регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР) и дека стигнале одредени сугестии од уметничките факултети.
„Јас и тимот имавме средба со деканите на трите уметнички факултети на ‘Св. Кирил и Методиј‘. Се договоривме за една измена, која јас и целиот тим сметавме дека е оправдана, и нивното барање беше оправдано, и таа измена е вметната. По настанот вчера во Владата, каде што имавме средба со седумте ректори и присутни голем број професори од сите универзитети во земјата, законот е веќе затворен и ќе оди во владина процедура“,
изјави министерката за образование во петокот.
Предлог-законот за високо образование, што треба да го замени актуелното законско решение, Јаневска го претстави на 6 февруари годинава. Дел од дотогаш објавените новини предизвикаа реакции меѓу академската фела, но и од политичките партии од опозицијата, од кои дел бараа повлекување на новиот закон. Новото законско решение, и сега е цел на критики на опозициските партии, особено од Социјалдемократскиот сојуз, од каде во него гледаат елементи што би биле штетни за високообразовниот система на државата.
Во петокот, и премиерот Христијан Мицкоски го коментираше новиот предлог-закон за високото образование, наведувајќи дека системот кој ги продуцира најобразованите кадри во државата претрпел големи штети од законското решение донесено во 2018 година.
Според него, некои од критиките кон новите законски решенија се политички шпекулации и обиди за манипулација, нагласувајќи, како и ресорната министерка, дека автономијата на универзитетите не е загрозена.
