Три извори на американската администрација, според порталот „Аксиос“, потврдиле дека Венс денеска ќе замине за Исламабад, иако неговото патување за главниот град на Пакистан беше најавено за вчера, а дел од медиумите објавија дека тој веќе е на пат кон Исламабад
Засега сè уште нема официјална потврда од Техеран дека нивна делегација ќе присуствува на преговорите
Одржувањето нова рунда преговори помеѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран за ставање крај на војната и понатаму останува неивесно, иако од двете страни доаѓаат сигнали дека сепак е можно да се случи средба меѓу претставниците на двете земји во Исламабад утре, кога истекува договорениот двонеделен прекин на огнот, јавуваат светските медиуми.

Американските медиуми објавија дека потппретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, кој ја предводеше американската делегација на неодамнешните преговори, денеска ќе замине од САД во Пакистан на нова рунда разговори.
Три извори на американската администрација, според порталот „Аксиос“, потврдиле дека Венс денеска ќе замине за Исламабад, иако неговото патување за главниот град на Пакистан беше најавено за вчера, а дел од медиумите објавија дека тој веќе е на пат кон Исламабад.
Дека втората рунда разговори меѓу американската и иранската делегација е планирана за в среда во Исламабад изјавиле и извори за телевизијата Си-ен-ен.
Засега сè уште нема официјална потврда од Техеран дека нивна делегација ќе присуствува на преговорите.
Вчера висок ирански функционер изјавил дека Иран размислува за нова рунда преговори со САД во Пакистан, пренесе британскиот весник „Гардијан“, но, истовремено со ваквите најави, функционерот за новинската агенција Ројтерс рекол дека сè уште не е донесена никаква одлука.
Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека континуираните прекршувања на прекинот на огнот од страна на САД се голема пречка за продолжување на дипломатскиот процес.
Вчеравечер, главниот ирански преговарач Мохамед Багер Галибаф преку социјалните мрежи го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на притисокот врз Техеран преку блокадата и прекршувањата на прекинот на огнот, велејќи дека Иран ги отфрла преговорите под закана, предупредувајќи дека Техеран се подготвил да открие, како што вели, нови карти на бојното поле.
Двонеделниот прекин на огнот, кој истекува утре, е можно да се најде под опасност откако САД соопштија дека во неделата заплениле ирански товарен брод кој се обидел да ја премине неговата блокада, а на што Техеран најави решителен одговор.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека новиот договор што Соединетите Американски Држави (САД) го подготвуваат со Иран ќе биде далеку подобар од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) од 2015 година, оценувајќи го претходниот договор како штетен за безбедноста на земјата.
„Договорот што го склучуваме со Иран ќе гарантира мир, безбендост и стабилност, не само за Израел и Блискиот Исток, туку и за Европа и Америка“,
вели Трамп.
Тој ги отфрли обвинувањата дека е под притисок да постигне брз договор, нагласувајќи дека преговорите се одвиваат совршено и дека резултатите наскоро ќе бидат видливи.
