На вкрстено прашање од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко да објасни како знае дека претходно било дискотека, а по реновирањето кабаре, сведокот рече дека разлика визуелно немало, туку во работното време

Во т.н. кабаре „Пулс“ вечерта на 16 март имаше многу гости меѓу кои и малолетници, сведочеше на денешното рочиште сведокот Ана Захариева, која на критичниот настан била гостин во објектот.
Таа рече дека во „Пулс“ одела од 17-18 години речиси секој викенд, а за вечерта на 16 март кажа дека стигнала околу полноќ, кога купила билет и му го дала на обезбедувањето кое ставило печат.
„Вечерта стигнав околу 12 часот и си купив билет. Го дадов на обезбедувањето, ставија печат и влегов внатре. Бев со друштво“,
рече Захариева.
Прашана дали се сеќава на лицата што вршеле обезбедување таа вечер, сведокот рече дека не се сеќава.
Таа по сеќавање го опиша влезот на дискотеката и нејзината внатрешност по реновирањето, посочувајќи дека вториот излез тогаш бил затворен.
„Вечерта имаше многу луѓе во дискотеката“,
изјави Захариева.
Пред да избувне пожарот во дискотеката, сведокот рече дека имало рација за малолетници, но забавата не била прекината.
Избувнувањето на пожарот, Захариева рече дека не можела да го види, но откако кажале дека гори, се упатила кон излезот бидејќи не била многу далеку.
„Секунди беа во прашање. Не бев многу оддалечена од вратата, можеби некои две минути. Знам дека беше многу малку потребно за пожарот, бидејќи додека бев до вратата, веќе целиот плафон гореше“,
рече таа посочувајќи дека немало никој што ги насочувал каде и како да се евакуираат.
Според неа, секогаш кога имало некои настани, пејачи, роденден, танчарки или отворање сезона, во дискотеката се користеле прскалки.
„Бев заглавена во стампедото, врз мене имаше сигурно уште 3-4 луѓе. Бев онесвестена и кога се разбудив, почнав да барам помош од луѓето околу мене. Имаше еден полицаец во униформа, но не можеше да ме извлече. По кратко дојде друг и ме извлече“,
рече сведокот.
Захариева кажа дека во пожарот се стекнала со изгореници на целата лева рака, имала операција и 42 дена била во болница, најавувајќи оштетено побарување.
На вкрстено прашање од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко да објасни како знае дека претходно било дискотека, а по реновирањето кабаре, сведокот рече дека разлика визуелно немало, туку во работното време.
„Дискотека е откако јас знам сè до последната година кога го реновираа. Немаше разлика внатре, туку имаше во времето на излегување. Дискотека беше до 11, а кабаре е откако се излегуваше од 1-2 и траеше до 3-4. Јас така чув“,
одговори сведокот.
На прашање од адвокатот Јовица Страшевски дали може да се сети кој ја спасил вечерта, со оглед дека се сеќава речиси на сè, само не на човекот што ја спасил, сведокот повтори дека не може да се сети зашто настанало стампедо.
На прашање од одбраната дали била во дискотеката кога била малолетна, Захариева потврди велејќи дека и тогаш пуштале малолетници „исто како што пуштаа и таа вечер”.
Пред почетокот на рочиштето одбраната на првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов Деко, побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствена состојба.
Бранителот на Деко, адвокатката Ивана Коцевска, изјави дека „мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска одговори на барањата на одбраната, нагласувајќи дека судот е во тек со ситуацијата. Според неа, обвинетиот бил опериран во петокот со негова согласност, а лекарите препорачале строго мирување од само три дена.
Јавното обвинителство рече дека ги сослушале наводите и по разгледувањето на документацијата на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
