Според првичните информации за инцидентот, се смета дека сторителот е во роднинска врска со дел од жртвите, но засега не се објавени неговиот идентитет, како и имињата на жртвите
Осум деца на возраст од една до 14 години се застрелани и убиени, а уште две се ранети во вооружен инцидент во населба во јужниот дел на Шривпорт, третиот најнаселен град во американската држава Луизијана, пренесува Си-ен-ен.
Осомничениот напаѓач е ликвидиран по кратка потера од страна на полициски службеници.

Според првичните информации за инцидентот, се смета дека сторителот е во роднинска врска со дел од жртвите, но засега не се објавени неговиот идентитет, како и имињата на жртвите.
Пукањето се случило рано утрово по локално време, а како што изјави портпаролот на тамошната полиција, жртвите се на возраст од 18 месеци до 14 години.
Сцената на местото на настанот, според полицијата, е опишана како исклучително тешка со повеќе загинати.
По инцидентот, осомничениот украл возило и бил следен од полицијата во соседна област, каде е застрелан откако отворил оган врз службениците.
Сепак, никој од полицајците не е повреден, а истрагата ја води државната полиција на Луизијана.
Градоначалникот на Шривпорт ја оцени трагедијата како една од најтешките во историјата на градот, додека локалниот шеф на полицијата изјави дека е во шок од настанот.
„Ова е трагична ситуација, можеби најтрагичната што некогаш сме ја имале“,
рече Том Арсено, градоначалник на градот со околу 180 000 жители.
Во меѓувреме, сè уште се чека официјални информации за мотивите на нападот.
