Иранската државна телевизија, објави дека бродовите што сакаат да поминат низ Ормускиот Теснец можат да поминат само по одредена рута и сè уште им е потребна дозвола од морнарицата на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, објави дека Ормускиот Теснец е отворен за целиот комерцијален сообраќај. Одлуката е донесена во согласност со прекинот на огнот меѓу Израел и Либан и ќе важи до неговото истекување, рече тој.
„Во согласност со прекинот на огнот во Либан, преминот за сите комерцијални бродови низ Ормускиот Теснец е прогласен за целосно отворен за преостанатиот период од прекинот на огнот, по координирана рута како што веќе објави Организацијата за пристаништа и поморство на Исламската Република Иран“,
напиша Арагчи на социјалната мрежа Икс.
In line with the ceasefire in Lebanon, the passage for all commercial vessels through Strait of Hormuz is declared completely open for the remaining period of ceasefire, on the coordinated route as already announced by Ports and Maritime Organisation of the Islamic Rep. of Iran.
— Seyed Abbas Araghchi (@araghchi) April 17, 2026
Ројтерс, повикувајќи се на Иранската државна телевизија, објави дека бродовите што сакаат да поминат низ Ормускиот Теснец можат да поминат само по одредена рута и сè уште им е потребна дозвола од морнарицата на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран.
„Само комерцијални бродови, а не воени бродови, можат да поминат низ водниот пат“,
објави иранската државна телевизија, цитирајќи висок воен претставник.
Израел и Либан вчера со посредство на САД договорија десетдневен прекин на огнот, што стапи во сила на полноќ по локално време.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека остварил разговори со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при што двајцата лидери се согласиле да започне десетдневен прекин на огнот како чекор кон постигнување траен мир.
