Кривична пријава против премиерот се однесува за кривичните дела – злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на рамноправноста на граѓаните, загрозување на сигурноста, согласно одредби од Кривичниот законик
Од опозицијата бараат Обвинителството веднаш да постапи по кривичната пријава, да го повика Мицкоски на распит и да се спречи понатамошно загрозување на правниот поредок. Со, тоа според партијата, Обвинителството ќе докаже дека никој не е над законите и дека може независно да постапува, а не само по нарачки
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски обвинувајќи го за повеќе кривични дела поврзани со, како што наведуваат од партијата, нарушување на уставниот поредок и законите. Причината за поднесување на пријавата, според СДСМ, се јавните изјави на премиерот, кои, како што се вели во партиското соопштение, можат да се толкуваат како најава за политички притисок и евентуални постапки против поранешни функционери и членови на опозицијата.

На прес-конференција пред зградата на скопското Обвинителството, генералниот секретар на партијата Александар Саша Димитријевиќ соопшти дека поднесената кривична пријава против премиерот се однесува за кривичните дела – злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на рамноправноста на граѓаните, загрозување на сигурноста, согласно одредби од Кривичниот законик.

Ваквиот развој на настаните следува по изјавата на Мицкоски дека има чувство оти набргу функционери од поранешната влада на СДСМ ќе бидат опфатени со одредени прогони.
Според Димитријевиќ, Мицкоски од позиција на премиер, јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија. Изјавата на Мицкоски дека има чувство оти набргу функционери од поранешната влада на СДСМ ќе бидат опфатени со одредени прогони, ја оцени како сигнал дека судството и обвинителството се претворени во алатка за политичка одмазда и прогон на неистомислениците.
„Мицкоски повеќе не се крие, тој е обвинител, судија, кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата и неистомислениците. Неговото ‘имам чувство‘ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста. Но, ова е скандал од невидени размери и претставува целосно уривање на правниот и уставниот поредок и за ова мора да понесе одговорност. Ова се методи својствени на авторитарни режими какви што демократскиот систем не познава“,
вели генералниот секретар на СДСМ.
Од партијата повикуваат Јавно обвинителство да постапи по пријавата и да ја испита основаноста на наводите.
„Бараме Јавното обвинителство веднаш да постапи по кривичната пријава, да го повика Мицкоски на распит и да се спречи понатамошно загрозување на правниот поредок. Нека докаже Обвинителството дека никој не е над законите и дека може независно да постапува, а не само по нарачки“,
рече Димитријевиќ.
Според него, СДСМ нема да се повлече пред заканите на премиерот.
„Мицкоски нарачува процеси мислејќи дека со тоа ќе не исплаши и ќе ја запре нашата борба против неговата криминална организација. Се лаже. Нема да запреме. Не се плашиме“,
кажа тој.
Од СДСМ денеска информираа и дека нивниот лидер Венко Филипче испратил официјални писма до институциите на Европска Унија – Европска комисија, Европски парламент, како и до известувачот за Северна Македонија и амбасадорите на земјите членки, во кои изразува загриженост за состојбите со владеењето на правото во земјата, но и предупредува за нарушување на демократскиот и уставниот поредок и поделбата на власта.
Во писмата се цитира и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, која од СДСМ ја оценуваат како најава за можни политички притисоци и селективни постапки против поранешни функционери.
Од партијата сметаат дека ваквите пораки можат да се толкуваат како индикација за политички реваншизам и потенцијално влијание врз институциите, при што се нагласува дека тоа е спротивно на европските демократски стандарди.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена, како одговор на новинарско прашање за ставовите на опозицискиот СДСМ во врска со одговорноста на поранешниот премиер Никола Груевски, рече дека нема информации, но оти има чувство дека високи функционери од претходната влада на СДСМ, како поранешни премиери и нивни блиски од семејствата, ќе бидат опфатени со одредени прогони.
На новинарско прашање за коментар за испраќањето официјални писма од страна на Филипче до институциите на Европска Унија, Мицкоски рече дека секој има право да се обраќа и да испраќа писма до меѓународните институции, но дека неговите чувства дека функционери од поранешната влада на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) ќе станат предмет на прогон се сè посилни.
„Секој има право да си се допишува и да праќа писма, но моите чувства се сѐ посилни“,
кажа тој.
