Новиот модел предвидува и транзициски период од три години, во кој специјализантите ќе можат да преминат од старите во новите програми. За веќе специјализираните лекари се предвидени едногодишни програми за усогласување, како и двегодишни програми за дополнителна надградба
Реформата, како што нагласи Алиу, има за цел воспоставување баланс меѓу општи специјалисти и тесно профилирани експерти, со акцент на зајакнување на секундарното здравство и регионализација на услугите
Министерот за здравство Азир Алиу денеска најави значајна реформа на системот на специјализации и супспецијализации, со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги и поефикасно функционирање на здравствениот систем.
На денешната прес-конференција тој ги презентираше новите програми, истакнувајќи дека тие се базираат на анализи кои покажале сериозни слабости во досегашниот модел.

Според Алиу, постојниот систем создавал тесно профилирани специјалисти со ограничена применливост и недоволна практична подготвеност, особено во ургентната и интензивната медицина. Како дел од реформата, главниот фокус се става на интерната медицина и на општата хирургија.
„Анализите покажаа дека имаме тесно профилирани специјалисти со ограничена применливост во државата, недоволна практична подготвеност, особено во итната и интензивната медицина, како и сериозен притисок врз терцијарното здравство. Дополнително, постои неусогласеност со современите европски образовни модели. Затоа примарниот фокус на оваа реформа го ставаме на две клучни области – интерната медицина и општата хирургија. Во делот на интерната медицина воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега“,
рече Алиу.
Во интерната медицина ќе се воведе засилена практична обука, особено во итната медицина и интензивната нега, како и обука за користење на POCUS (point-of-care ултразвук) како стандардна вештина за секој интернист. Истовремено, ќе се дефинираат минимални практични интервенции и ќе се овозможи поголема автономија на специјалистите.
Во делот на општата хирургија се предвидува петгодишен, европски усогласен курикулум, со широка хируршка основа и мултисистемски пристап. Целта е создавање флексибилни хирурзи кои ќе можат да одговорат на потребите на болниците, особено во внатрешноста на државата.
Оние кои ќе сакаат повисоки титули, како торакален и дигективен хирург или гастроентерохепатолог ќе имаат можност од две години супспецијализација.
Според него, со реформата се очекува подобра достапност на квалитетна здравствена услуга, намалување на упатувањата кон терцијарното ниво, зголемена безбедност на пациентите и поефикасно користење на човечките ресурси.
Новиот модел предвидува и транзициски период од три години, во кој специјализантите ќе можат да преминат од старите во новите програми. За веќе специјализираните лекари се предвидени едногодишни програми за усогласување, како и двегодишни програми за дополнителна надградба.
Реформата, како што нагласи Алиу, има за цел воспоставување баланс помеѓу општите специјалисти и тесно профилираните експерти, со акцент на зајакнување на секундарното здравство и регионализација на услугите.
„Ова освен што е образовна реформа, истовремено е и системска промена која ќе донесе подобра достапност до квалитетна здравствена услуга, поефикасно користење на ресурсите и зајакнување на секундарното здравство, покомплетен, пофлексибилен и системски усогласен медицински кадар – како одговор на реалните потреби на здравствениот систем и пациентите, како и кадар кој не само што има знаење, туку има и практична подготвеност да реагира таму каде е најпотребно“,
кажа министерот.
Новиот модел на специјализации ќе започне да се применува од 1 септември. Специјализантите до трета година ќе имаат можност да се префрлат на новата програма, додека оние над трета година ќе продолжат по постојниот систем.
На прес-конференцијата свое видување за реформата изнесоа и деканите на Медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип, како проф.д-р Светозар Антовиќ, проф. д-р Невзат Елези и проф. д-р Катерина Златановска, како и претседателката на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева-Старделова.
Според нив, промените се резултат на долгогодишни анализи и консултации со домашни и странски експерти, со цел создавање поквалитетен и пофункционален медицински кадар.
Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, истакна дека реформата ќе придонесе за задржување на медицинскиот кадар во земјата, преку подобри услови за образование и професионален развој.
Проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, истакна дека целта на реформата е програмите по општа хирургија и интерна медицина да станат покомпактни и попривлечни за младите лекари.
Појасни дека специјализацијата ќе трае пет години и треба да обезбеди директорите на здравствените установи од секундарно ниво да ги насочуваат своите специјализанти кон општа хирургија и интерна медицина, наместо директно кон тесно профилирани гранки, како што се торакалната или абдоминалната хирургија, кои, според него, треба да останат во доменот на универзитетските клинички центри.
„Доколку реформата се имплементира како што е замислена, таа ќе придонесе за значително подобрување на здравствената заштита на целата територија на државата“,
рече тој.
Проф. д-р Катерина Златановска, деканка на Медицинскиот факултет во Штип посочи дека претходно биле спроведени обемни анализи кои ја покажале потребата од укинување на насочените специјализации.
Во ист контекст, проф. д-р Невзат Елези од тетовскиот Медицински факултет оцени дека за насочените специјализации ќе има простор и во иднина, но дека приоритет во моментов е усогласување на системот со европските законодавни и образовни стандарди.
Идејата за оваа реформа е на Лекарската комора.
