Таа упати покана до Ердоган за официјална посета на земјава
На средбата било разговарано и за положбата на турската заедница во земјава, со акцент на нејзината правична застапеност во општествениот и во политичкиот живот, како и за функционирањето на образовните институции. Заеднички е оценето дека постојните предизвици може да бидат надминати
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која е констатирано дека односите меѓу двете држави се карактеризираат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.
Претседателката престојува во Турција по повод учеството на Дипломатски форум во Анталија, каде што е истакната можноста за унапредување на билатералната соработка преку формирањето Совет за соработка на високо ниво и одржување прва меѓувладина седница.

Како што информираат од кабинетот на претседателката, на почетокот на средбата таа изразила сочувство за жртвите од вчерашното пукање во средното училиште во Турција, посакувајќи им брзо закрепнување на повредените.
Според неа, Турција е долгогодишен пријател на земјава, кој во повеќе наврати укажува помош, вклучително и по трагедијата во Кочани.
Во разговорот, претседателката ја нагласила значајната улога на турските институции и компании во македонското општество, посочувајќи ги активностите на „ТИКА“, образовната мрежа „Маариф“, Јунус Емре, како и присуството на „Туркиш ерлајнс“ и „Халкбанк“.
Сиљановска-Давкова изрази благодарност и за поддршката на Турција во модернизацијата на македонската Армија.

„Двајцата претседатели се согласилја дека постои простор за унапредување на економската соработка, особено преку зголемување на трговската размена и инвестициите, при што како важна можност го посочија претстојниот бизнис-форум во Турција“,
се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.
На средбата било разговарано и за положбата на турската заедница во земјава, со акцент на нејзината правична застапеност во општествениот и во политичкиот живот, како и за функционирањето на образовните институции.
„Заеднички е оценето дека постојните предизвици може да бидат надминати“,
велат од кабинетот.
Сиљановска-Давкова упати покана до Ердоган за официјална посета на земјата.
Воедно, таа ја поздрави иницијативата „Балканска мировна платформа“, оценувајќи ја како значаен инструмент за зајакнување на регионалниот дијалог и стабилноста.
