Продолжувањето на кризната состојба ѝ овозможува на Владата да продолжи со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси

Пратениците во Собранието денеска дадоа зелено светло за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Со оваа одлука, кризната состојба ќе биде во сила до 20 јули 2026 година.
Продолжувањето на кризната состојба доаѓа поради нестабилната меѓународна безбедносна и енергетска состојба по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормускиот Теснец, кој е еден од клучните светски енергетски коридори.
По нападите во февруари и блокадите на поморските патишта, постои ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.
Продолжувањето на кризната состојба и овозможува на Владата да продолжи со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.
Владата веќе презема низа мерки за ублажување на последиците од кризната состојба, меѓу кои намалување на данокот на додадена вредност за енергентите и намалување на акцизите за дизелот и за безоловните бензини, со цел заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување стабилно снабдување.
Новата одлука ќе почне да се применува од 21 април 2026 година, веднаш по истекот на претходниот рок и по нејзиното објавување во „Службен весник“.
