На свечениот настан беше презентирана и студија за потрошувачките навики на македонските граѓани при користење платежни картички
По повод 30-годишнината од воведувањето на првата платежна картичка во земјава, Комерцијална банка во соработка со Мастеркард одржа панел-дискусија на која се дискутираше за пионерските почетоци, но и за иднината на дигиталните плаќања, која според панелистите треба да донесе целосна дигитализација на платежните картички и интеграција на вештачката интелигенција во улога на купувач.

Директорот на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки при Комерцијална банка, Киро Чадиковски, рече оти на почетоците во 1996 година плаќањето со платежни картички се сметало за иновација резервирана претежно за странците во хотелите и рестораните, а најуспешниот месец во однос на трансакции во таа година изнесувал вкупно 1 000 трансакции. Денес, 30 години подоцна, клиентите на Комерцијална банка ја достигнуваат оваа бројка во рок од две до три минути, а експоненцијалниот раст најдобро го илустрира податокот дека на 30 декември минатата година системот на банката забележал рекордни 12,75 трансакции во секунда.
„Значајно е да се каже дека во моментов имаме нешто над 33 отсто пазарно учество во прифаќањето картички во нашата земја, а во делот на електронската трговија, односно виртуелните ПОС-терминали, пазарното учество на Комерцијална банка изнесува 44 отсто. Тоа се бројки што кажуваат дека буквално секоја втора, секоја трета трансакција во земјата, поминува низ системот на Комерцијална банка. Во таа смисла, ако пред 30-ина години некој му кажел на кој било од нас во просторијава дека денеска ќе плаќаме со дигитален паричник, со телефон, или со часовник или со што и да е, веројатно ќе му се смеевме, немаше да му веруваме“,
рече Чадиковски.
Генералниот менаџер на Мастеркард за Југоисточна Европа, Бартош Чолковски, рече оти растот на Македонија во третата деценија на 21 век е импресивен, а посебно ја нагласи улогата на Комерцијална банка како технолошки лидер кој предничел во иновациите, дури и пред доаѓањето на глобалните гиганти. Дополнително, вели оти пластиката исчезнува и оти следната потенцијална револуција е технологијата, односно инкорпорирањето на вештачката интелигенција во процесот, за во иднина таа да ја извршува намерата за купување на консументот.
„Околу 22% од личните трошоци во економијата всушност се случуваат преку дигитални плаќања. Ако го споредите тоа со просекот на Европската Унија, кој е 27%, тоа ѝ дава на Македонија одлична лидерска позиција меѓу соседните земји“,
кажа Чолковски.

За Комерцијална банка технологијата не е цел сама по себе, туку алатка за подобрување на корисничкото искуство, рече главниот директор за продажба и развој и член на УО на Комерцијална банка, Никола Џамбазовски, кој додаде дека секоја иновација мора да исполни три клучни параметри: брзина, едноставност и сигурност.
Најавувајќи ги следните чекори, Џамбазовски откри дека банката наскоро ќе воведе целосно дигитална картичка.
„Одиме со концептот Digital First, а не Digital Only. Секој ќе може да си поднесе барање и да добие картичка директно на самиот телефон, без физички да ја подигне во експозитура. Картичката во најбрз можен рок ќе биде во мобилната апликација М-банка, подготвена за додавање во дигиталните паричници и веднаш ќе може да се користи“,
изјави Џамбазовски.
На настанот беше презентирана и студија за потрошувачките навики на македонските граѓани при користење платежни картички кои опфатија триесетгодишен период.

