Првата детска амбасада „Меѓаши“ ја осудува политичката злоупотреба на деца за медиумски кампањи. Од таму посочуваат дека до нив стигнала пријава поднесена за рекламен спот на ДУИ, објавен на социјалните мрежи пред две недели, во кој како што велат, децата се претставени како главен мотиватор за политички одлуки што не ги разбираат.
„Сметаме дека на овој начин преку децата има обид на емотивна основа да се допре до пошироката публика, што за нас е неприфатливо, а нивната улога е од визуелен рекламен карактер, спротивно на суштинските интереси и потреби на децата. Политичката злоупотреба на деца и манипулација во интерес на добивање партиски поени со инволвирање деца во медиумски кампањи и политички маркетинг беше пракса на политичките партии и претходно. За жал забележуваме дека истото продолжува“,
велат од Меѓаши.
Од детската амбасада апелираат да не се користат децата за партиски цели и ги повикаа медиумите да не рекламираат платени или неплатени партиски програми во кои се вклучени деца.
Од „Меѓаши“ изразија и разочараност бидејќи како што велат, и натаму децата им се приоритет на партиите само во предизборие.
„Од таа причина бараме партиите да го сменат нивниот пристап и децата да им бидат фокус 365 дена во годината и тоа во сферите на подобрување на условите за живеење, образование, здравство, социјални услуги… но не во кампањи каде што се злоупотребуваат како „декор“ и средство за постигнување политички поени. Очекуваме конечно децата да станат интегрален дел од партиските програми, да бидат прашани за нивни мислења при креирањето на програмите и конечно, тоа што го ветуваат да биде исполнето. На ваков начин ќе им се овозможи на децата да бидат активни учесници во креирањето на програмите и активностите од кои тие се директно засегнати“, се вели во соопштението на Меѓаши.
Во соопштението потенцираат и дека со оглед на состојбата со корона вирусот дополнително остро ќе реагираат ако се забележи присуство на деца на политички собири и митинзи, облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, лепење постери, сликање или снимање.
„Да потсетиме, во 1991 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Во истата се вели: Се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје“,
се вели во соопштението на Меѓаши.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши во својот Периодичен извештај за застапеноста на детските права во Собранието веќе препорача политичките партии суштински да вградат мерки за подобрување на правата на детето во рамките на нивните политички изборни програми за Предвремените парламентарни избори во 2020 година.
Од таму велат дека е поразително е што не постои суштествен интерес кај политичките партии да направат нешто повеќе од вклучување на децата во политички кампањи.
