Министерот за надворешни работи и надворешна трговија рече дека со главната советничка за надворешна политика на унгарската партија Тиса, Анита Орбан, за време на вчерашниот телефонски разговор се договориле да ја продолжат комуникацијата, а по формирањето на новата влада во Унгарија да остварат средба
Анита Орбан потврди дека Западен Балкан останува приоритет за надворешната политика на Унгарија. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, коментирајќи го телефонскиот разговор што вчера го оствари со главната советничка за надворешна политика на унгарската партија Тиса, која однесе убедлива победеда на изборите во Унгарија во неделата.

Муцунски го оцени разговорот со Анита Орбан како конструктивен, позитивен и насочен не само кон одржување на добрите билатерални односи, туку и кон нивно надградување.
„Се договоривме да ја продолжиме интензивната комуникација и во периодот што следи по формирањето на новата влада во Унгарија да оствариме средба“,
изјави Муцунски одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференцијата со неговиот белгиски колега Максим Прево.
Прашан какви односи очекува со новата унгарска влада, Муцунски рече дека двете држави ги спојуваат многу заеднички работи. Рече дека не може билатералните односи помеѓу две земји кои се партнери во НАТО и кои имаат ист интерес насочен кон европската иднина на државата да бидат единствено врзани со политички влади.
„Природата на демократијата е дека политички влади доаѓаат и заминуваат. Нема ништо позначајно од демократската волја на народот кој даде јасен и недвосмилесен сигнал во Унгарија. Со госпоѓата Орбан се согласивме дека не само што треба да ги негуваме добрите односи, туку да продолжиме во духот на конкретната соработка да имаме уште подобри билатерни односи со заеднички фокус и на прироритетите во НАТО и на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија“,
рече Муцунски.
