Тој нагласи дека секој договор за нуклеарна технологија бара многу детални механизми за верификација

Секој иден мировен договор меѓу САД и Иран мора да вклучува многу детални мерки за верификација на нуклеарните активности на Техеран, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
„Иран има многу амбициозна и обемна нуклеарна програма, која ќе бара постојано присуство на инспектори на МААЕ“,
вели Гроси.
Тој нагласи дека секој договор за нуклеарна технологија бара многу детални механизми за верификација.
„Во спротивно нема да имате договор, туку само илузија за таков“,
додава тој.
Според извештај од агенцијата, што бил доставен до земјите членки, а во кој увид имала агенцијата Асошиејтед прес, Иран не им дозволил на инспекторите на МААЕ пристап до своите нуклеарни објекти што Израел и САД ги бомбардираа за време на 12-дневната војна во јуни.
Во извештајот се забележува дека МААЕ не може да потврди дали Иран ги суспендирал сите активности поврзани со збогатување или не може да го утврди обемот на резервите на ураниум на Иран во засегнатите нуклеарни објекти.
Од друга страна, Иран долго време инсистираше дека неговата нуклеарна програма е исклучиво мирна и бараше да му се признае сувереното право да збогатува ураниум.
