Од Министерството за правда соопштија дека во континуитет го следат случајот и ги преземаат сите мерки за законски да ги обезбедат потребните документи. Потсетуваат дека за поранешниот премиер Никола Груевски е поднесено барање за екстрадиција на 20 ноември 2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година, кое е одбиено од страна на Унгарија во август истата година
Министерството за правда информира дека утре ќе поднесе барање до Судот и до Обвинителството и ќе ги побара потребните списи за сите предмети поврзани со поранешниот премиер и бегалец во Унгарија, Никола Груевски. Откако ќе ги добијат потребните документи, од ресорното министерство најавија дека ќе постапат согласно важечките законски прописи.

Потегот следува откако лидерот на унгарската партија Тиса, Петер Маѓар, која однесе убедлива победа на изборите во неделата, најави екстрадиција на поранешниот македонски премиер кој во 2018 година побегна во Унгарија.
Од Правда соопштија дека во континуитет го следат случајот и ги преземаат сите мерки за законски да ги обезбедат потребните документи. Потсетуваат дека за Никола Груевски е поднесено барање за екстрадиција на 20 ноември 2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година.
„Екстрадицијата беше побарана за сите предмети за кои постоеја сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите случаи за кои е распишана потерница. Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 5 август 2019 година, со образложение дека на Никола Груевски му е одобрен азил согласно нивното законодавство, кое не дозволува предавање на лице кое ужива таков статус на државата од која избегало“,
велат од Министерството за правда.
Претходно денеска, од Основниот кривичен суд Скопје преку соопштение направија пресек на предметите за кои има правосилни пресуди за Груевски и оние за кои се во тек судски процеси.
Како што информираа од Судот, Груевски треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета. Треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, дело што застарува во 2043 година. Во меѓувреме, активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир 2“.
