Проф. д-р Данев, поранешен декан на Машинскиот факултет, во својата кандидатура најавува визија за модерен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, подобрување на квалитетот на наставата и поголема поврзаност со индустријата
Актуелната ректорка Ангелова, која функцијата ја презеде во септември 2023 година од нејзиниот претходник, проф. д-р Никола Јанкуловски, во изминатиот период работеше на дигитализација на студентските услуги, како и на интернационализација и модернизација на наставните програми, со цел зголемување на видливоста на УКИМ на меѓународната академска сцена
На 28 април годинава ќе се одржат избори за нов ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје (УКИМ), за мандатниот период од 16 септември 2026 до 15 септември 2029 година. Гласањето ќе се реализира со тајно изјаснување на единиците во состав на Универзитетот.
Во трката за прв човек на УКИМ учествуваат двајца кандидати – актуелната ректорка Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје и проф. д-р Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.

Двајцата кандидати поднеле комплетна документација и ги исполнуваат условите од јавниот оглас.
Рокот за поднесување приговори на листата на кандидати истекува утре, додека Универзитетска изборна комисија информира дека изборниот процес се одвива согласно утврдениот роковник.
Доколку бидат поднесени приговори, по нив ќе се одлучува во наредните три работни дена, по што на 21 април на веб-страницата на УКИМ ќе бидат објавени програмите за работа, како и биографските и библиографските податоци на кандидатите.
До денот на изборите ќе биде утврден единствен избирачки список, а ќе се подготват и гласачките материјали. Резултатите од гласањето се очекува да бидат објавени истиот ден, по што ќе следува тридневен рок за приговори.
Согласно предвидената временска рамка, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 14 мај, со можност за евентуално прегласување доколку се појават приговори.

Проф. д-р Данев, поранешен декан на Машинскиот факултет, во својата кандидатура најавува визија за модерен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, подобрување на квалитетот на наставата и поголема поврзаност со индустријата.
Актуелната ректорка Ангелова, која функцијата ја презеде во септември 2023 година од нејзиниот претходник, проф. д-р Никола Јанкуловски, во изминатиот период работеше на дигитализација на студентските услуги, како и на интернационализација и модернизација на наставните програми, со цел зголемување на видливоста на УКИМ на меѓународната академска сцена.
Изборот на нов ректор на најголемиот универзитет во државата се одвива во период кога се подготвуваат нови законски решенија во областа на високото образование и научноистражувачката дејност, кои предвидуваат заострени критериуми и новини во функционирањето на високообразовните институции.
