„Паѓаат автократските режими. Следен е Александар Вучиќ, а со него и Христијан Мицкоски. Регионот припаѓа на Европа, а не на Русија. Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион: времето на автократите завршува“, велат од опозициската партија

ВМРО-ДПМНЕ останува без својот единствен сојузник во Европската Унија, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) по вчерашните избори во Унгарија на кои досегашниот премиер Виктор Орбан изгуби од лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маѓар.
Според СДСМ, граѓаните на Унгарија јасно рекле „доста е автократија!“
„По 16 години владеење на Виктор Орбан, неговиот недемократски режим падна. Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во Европската Унија. Нема повеќе криење на Никола Груевски во Будимпешта, тајни бизнис-комбинации, ниту кинески пари кои доаѓаа преку тој режим“,
велат од СДСМ во денешното соопштение.
Оттаму сметаат дека победата на Петер Маѓар не е само победа на една партија, туку оти тоа е победа на демократијата над автократијата, на Европа над руското и кинеското влијание и на владеењето на правото над корупцијата.
„Паѓаат автократските режими. Следен е Александар Вучиќ, а со него и Христијан Мицкоски. Регионот припаѓа на Европа, а не на Русија. Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион: времето на автократите завршува“,
додаваат од СДСМ.
Со реакција за резултатите од изборите во Унгарија и победата на Петер Маѓар, синоќа се јави и лидерот на СДС; Венко Филипче. Тој во објава на Икс напиша дека паднал недемократскиот режим на Орбан, токму како што партијата со месеци наназад најавувала.
Според информациите на Националната изборна канцеларија на Унгарија, по пребројани 98.94 отсто од гласовите, опозициската Тиса освоила 138 мандати, а владејачката Фидес освоила 55 мандати. Во унгарскиот парламент треба да влезат 199 пратеници. Тоа значи дека Тиса обезбедила двотретинско мнозинство.
Орбан го призна поразот, велејќи дека резулатот од изборите за нив е болен, но јасен.
