Разговорите треба да се фокусираат на разоружување на Хезболах и воспоставување мирни односи меѓу Израел и Либан
Според извештајот на „Аксиос“, се очекува директните разговори меѓу Израел и Либан да започнат следната недела. Ова доаѓа во време кога Израел почна масовни напади врз Либан, најголеми од Либанската војна во 1982 година. Иранските власти овие напади ги сметаат за кршење на привременото примирје со САД
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му наложи на својот кабинет што е можно поскоро да почне директни мировни преговори со Либан, пренесува Би-би-си.

Во соопштение објавено на Икс на хебрејски јазик се вели дека Нетанјаху вчера побарал од својот кабинет отворање директни мировни преговори со Либан, додавајќи дека разговорите треба да се фокусираат на разоружување на Хезболах и воспоставување мирни односи меѓу Израел и Либан.
Претходно тој изјави дека Израел ќе го нападне Хезболах, како што рече, каде и да е потребно, а израелската војска издаде наредби за евакуација на делови од Бејрут.
Според извештајот на „Аксиос“, се очекува директните разговори меѓу Израел и Либан да започнат следната недела. Ова доаѓа во време кога Израел во март почна масовни напади врз Либан, најголеми од Либанската војна во 1982 година.
Министерството за здравство на Либан соопшти дека во последните напади 203 лица се убиени, а повеќе од 1 000 се ранети.
Иранските власти овие напади ги сметаат за кршење на привременото примирје со Соединетите Американски Држави (САД).
Според иранските државни медиуми, како одговор на нападите на Израел врз Либан, Иран го затвори Ормускиот Теснец, и покрај договорениот прекин на огнот, посочувајќи дека властите во Техеран го третираат теснецот како сè уште затворен.
