Сиромашните, ранливи земји без резерви на енергија ќе бидат најтешко погодени, додаде Георгиева, истакнувајќи дека многу земји имаат малку или воопшто немаат фискален простор за да им помогнат на своите популации да ги пребродат зголемувањата на цените предизвикани од војната, што, пак, ги зголемува изгледите за социјални немири

Војната на Блискиот Исток ќе доведе до повисока инфлација и побавен глобален раст. Ова вчера го најави шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, пред планираното објавување на прогнозата за светската економија планирана од глобалниот заемодавач за следната недела.
Според Георгиева, војната го предизвикала најлошото нарушување на глобалното снабдување со енергија досега, бидејќи милиони барели произведена нафта се затворени со блокирањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран, што е клучно за испораката на една петтина од светската нафта и гас. Дури и ако конфликтот брзо се реши, Георгиева вели дека ММФ е подготвен да ја намали својата прогноза за економски раст и да ги зголеми своите изгледи за инфлација.
Според пишувањата на Ројтерс, се очекува војната да доминира во дискусиите меѓу финансиските претставници од целиот свет на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон следната недела.
Се очекува Фондот да објави низа сценарија во својот претстоен Извештај за светската економија што треба да биде објавен на 14 април, а на крајот на март веќе сигнализираше можно намалување на прогнозите, наведувајќи го асиметричниот шок од војната и построгите финансиски услови.
Без војната, Георгиева рече дека ММФ очекувал мало подобрување на својата проекција за глобален раст од 3,3 отсто во 2026 година и 3,2 проценти во 2027 година, бидејќи економиите продолжуваат да се опоравуваат од пандемијата.
„Наместо тоа, сите патишта сега водат кон повисоки цени и побавен раст. Се наоѓаме во свет на зголемена неизвесност. Сето ова значи дека откако ќе се опоравиме од овој шок, треба да ги држиме очите отворени за следниот“,
рече шефицата на ММФ, наведувајќи ги геополитичките тензии, технолошкиот напредок, климатските шокови и демографските промени како причини.
Војната го намали глобалното снабдување со нафта за 13 отсто, рече Георгиева, а ефектот од неа се чувствува и во испораките на нафта и гас и во снабдувањето со други стоки како што се хелиумот и вештачките ѓубрива.
„Дури и брзото завршување на непријателствата и прилично брзото закрепнување ќе резултираат со ‘релативно мала’ ревизија надолу на прогнозата за раст и ревизија нагоре на нејзината прогноза за инфлација. Ако војната се пролонгира, ефектот врз инфлацијата и растот ќе биде поголем“,
рече таа.
Сиромашните, ранливи земји без резерви на енергија ќе бидат најтешко погодени, додаде Георгиева, истакнувајќи дека многу земји имаат малку или воопшто немаат фискален простор за да му помогнат на своето население да ги пребродат зголемувањата на цените предизвикани од војната, што пак ги зголемува изгледите за социјални немири.
Георгиева рече дека некои земји веќе побарале финансиска помош, но не ги именуваше. Таа рече дека ММФ би можел да зголеми некои постојни програми за кредитирање за да ги задоволи потребите на земјите. Осумдесет и пет проценти од членовите на ММФ се увозници на енергија.
Широките субвенции за енергија не се одговорот, рече таа, повикувајќи ги креаторите на политиките да избегнуваат владини плаќања што би можеле дополнително да ги разгорат инфлациските притисоци.
Влијанието е асиметрично, најмногу ги погодува земјите што увезуваат енергија, но дури и извозниците на енергија, како што е Катар, го чувствуваат ефектот од иранските напади врз нивните производствени капацитети, смета таа.
Катар очекува дека ќе бидат потребни од три до пет години за да се обнови 17 отсто од производството на природен гас поради штетата, рече Георгиева, додека Меѓународната агенција за енергија објави дека 72 енергетски капацитети се оштетени во војната, од кои една третина претрпеле значителна штета.
„Дури и ако војната престане денес, ќе има трајно негативно влијание врз остатокот од светот“,
рече таа.
Откако САД и Израел го нападнаа на 28 февруари, Иран го затвори Ормускиот Теснец, со што цената на суровата нафта и течниот природен гас нагло се зголеми. Меѓународната референтна цена на суровата нафта „брент“ вчера се искачи близу 110 долари за барел.
Шефовите на ММФ, ИЕА и Светската банка минатата недела изјавија дека ќе формираат координиран напор за проценка на енергетските и економските ефекти од војната.
Георгиева рече дека ММФ, исто така, соработува со Светската програма за храна на Обединетите нации и Организацијата за храна и земјоделство за безбедноста на храната.
Светската програма за храна кон средината на март соопшти дека милиони луѓе ќе се соочат со акутен глад ако војната продолжи во јуни. Георгиева рече дека ММФ сè уште не гледа криза со храна, но дека тоа би можело да се случи ако испораката на ѓубрива е нарушена.
