Со ваквото постапување, градоначалникот му овозможил на М. Ј. противправно да оствари парична корист по основ на плата и придонеси кои му биле исплаќани како директор на претпријатието

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против градоначалникот на општината, Менди Ќура, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Според информациите од МВР, пријавата се однесува на настан од 18 ноември 2025 година, кога градоначалникот, во рамките на своите овластувања, донел одлука за именување вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Струга.
Градоначалникот постапил спротивно на Законот за јавни претпријатија при назначувањето на М. Ј. на директорската позиција. Како што се наведува во пријавата, првиот човек на општината го извршил именувањето и покрај тоа што знаел дека М. Ј. немал потребен степен на образование и не поседувал соодветен сертификат за познавање англиски јазик, а не исполнувал и повеќе други услови.
Со ваквото постапување, градоначалникот му овозможил на М. Ј. противправно да оствари парична корист по основ на плата и придонеси, кои му биле исплаќани како директор на струшки „Водовод“.
Инаку, ова не е прва постапка од МВР за Ќура. Во декември минатата година ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице – Општина Струга, како и против одговорното лице М. Ќ. (65) од струшкото село Биџево, поради сторено дело спротивно на член 6, а казнивo по член 11 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во РС Македонија.
Од МВР рекоа дека пријавените, како организатори на настан по повод Денот на албанското знаме, кој на 28.11.2025 се одржувал на улицата „Маршал Тито“ во Струга, покрај знамето на заедниците, ниту на бината ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не го истакнале и не го поставиле државното знаме на РС Македонија, што, според законот, биле обврзани да го направат.
