Според премиерот, со изградбата на далноводот се воспоставува последната енергетска врска што недостасува со нашите соседи оти по првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи. Сепак, потенцира и дека овој проект е еден од најкомплексните со кои се соочиле како влада оти кредитот бил обезбеден уште во 2015 година, а договорот потпишан во 2020 година, а реализацијата била речиси непостоечка
Со изградбата на далноводот Битола – Елбасан стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето камен-темелник за изградба на 400 киловолтен далновод, долг околу 100 километри, од ТС „Битола 2“ на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница.

Според него, тоа не е само еден инфраструктурен проект, туку симбол на поврзување, стабилност, како и за иднината на државата во европското енергетско семејство.
„Интерконективниот далновод Битола – Елбасан е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Денес, со овој проект, таа празнина конечно се затвора“,
рече тој.
Посочи дека со неговата изградба се воспоставува последната енергетска врска што недостасува со нашите соседи оти по првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи.
„Тоа значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој“,
кажа премиерот.
Сепак, потенцира дека овој проект е еден од најкомплексните со кои се соочиле како влада оти кредитот бил обезбеден уште во 2015 година, а договорот потпишан во 2020 година, а реализацијата била речиси непостоечка.
„Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност. Донесовме храбра, но неопходна одлука – да се раскине договорот кој не даваше резултати. Одлуката беше донесена по длабока анализа, со форензичка поддршка, со меѓународни консултанти и во координација со ЕБОР“,
вели Мицкоски.

Потоа додаде дека следувал најтешкиот дел, рестарт на проектот кој со години стоел в место.
„Се соочивме со правни, технички и организациски предизвици. Со имотноправни прашања. Со потребата од усогласување со меѓународни стандарди и ФИДИК-правила. Со обврска да го вратиме проектот во живот без да ги изгубиме веќе вложените ресурси. Со транспарентна постапка преку системот на ЕБОР, избравме нов изведувач, согласно највисоките европски стандарди. Тоа е гаранција дека овој пат работите ќе се движат и нема да стојат“,
кажа премиерот.
Според него, овој проект е и порака дека две земји можат да соработуваат и да носат заедно тешки одлуки.
„Кога зборуваме за Битола – Елбасан, не зборуваме само за кабли и столбови. Зборуваме за енергија што ќе ја движи економијата. Зборуваме за стабилност што ќе ги штити граѓаните. Зборуваме за иднина која ќе ја градиме заедно. Доаѓа времето кога Македонија нема да биде на периферијата на енергетските текови, туку во нивниот центар. Градиме позиција на стабилен и сигурен партнер на Европа“,
рече тој.
На настанот се обрати и министерка за енергетика Сања Божиновска, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау, претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, албанскиот министер за енергетика и инфраструктура Енеа Каракачи и генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Според Божиновска, овој далновод е јасна порака до секој иден инвеститор во обновливи извори, но и до инвеститорите во податочни центри, дигитални технологии и решенија базирани на вештачка интелигенција, дека нашата преносна инфраструктура е подготвена да ја поддржи идната економија.
„Оваа електроенергетска врска со Албанија ќе значи и многу за регионалниот пазар на електрична енергија. Регионот на Југоисточна Европа се движи кон една нова, модерна енергетска реалност – поврзаност, размена, флексибилност. Македонија мора да биде дел од тие процеси, а денешниот проект токму тоа ни го овозможува. Со оваа интерконекција ние ја затвораме последната отворена точка во нашата преносна поврзаност со соседите“,
рече таа.
